Ангел Господов: Трпение во молитвата, добрината и служењето

Ангел Господов: Трпение во молитвата, добрината и служењето

На неделната молитва Ангел Господов папата Фрањо во недела 13 ноември 2022 година се обрати до присутните верници зборувајќи за неделното свето Евангелие. Говорот на Светиот Отец го пренесуваме во целост.

Драги браќа и сестри, ви посакувам убав ден и пријатна недела!

Денешното Евангелие нѐ носи во Ерусалим, во најсветото место: Храмот. Таму, околу Исус, некои зборуваат за величественоста на таа прекрасна градба, „дека е украсен со убави камења и ветени дарови“ (Лука 21,5). Но Господ вели: „Ќе дојдат дни и од сето ова што го гледате нема да остане ни камен, што не ќе биде урнат“ (р. 6). Потоа Исус станува уште поостар, објаснувајќи како речиси во историјата сè се руши: ќе има, вели тој, бунтови и војни, земјотреси и глад, чуми и прогони (сп. р. 9-17). Како да сака да каже: Не смееме премногу да им веруваме на земните реалности што поминуваат. Тоа се мудри зборови, кои сепак можат малку да нè загорчат: веќе и така многу работи се наопаку, па зошто и Господ упатува такви негативни говори? Меѓутоа, Тој всушност цели кон нешто друго: да ни обезбеди драгоцено учење, односно излез од сета таа неизвесност. А кој е излезот? Како да излеземе од оваа реалност која поминува и поминува и повеќе нема да ја има?

Се крие во зборови кои можеби ќе не изненадат. Христос тоа го открива во последната реченица од денешното Евангелие, кога вели: „со трпение спасувајте си ги душите“ (р. 19). Трпение. Што е тоа? Зборот значи да се биде „многу строг“; но строго во која смисла? Сами со себе, сметајќи се себеси незрели? Не. Да се биде крут и нефлексибилен со другите? Ниту тоа. Исус бара од нас да бидеме „строги“, верни, непоколебливи во она што му е важно, во она што е суштинско. Затоа што она што е навистина важно честопати не се совпаѓа со она што ни го привлекува интересот: често, како оние луѓе во храмот, приоритет им даваме на делата на нашите раце, на нашите достигнувања, на нашите верски и граѓански традиции, на нашите сакрални и општествени симболи. Тоа се важни работи, но поминуваат. Меѓутоа, Исус ни вели да се фокусираме на она што е трајно, да избегнуваме да го посветиме својот живот на изградба на нешто што подоцна ќе биде уништено, како тој храм, и да заборавиме да го градиме она што не се руши, да градиме на неговиот збор, на љубовта, на добрината. Да се биде трпелив, строг и одлучен во изградбата на она што не минува.

Значи, тоа е тоа трпение: тоа значи да се гради добро секој ден. Да се има трпение значи да се остане цврст во доброто, особено кога реалноста околу нас нѐ принудува да направиме нешто друго. Да дадеме неколку примери: знам дека молитвата е важна, но јас, како и сите други, секогаш имам многу работа, па затоа ја одложувам: „Не, сега сум премногу зафатен, не можам, ќе го направам тоа подоцна“. Или, пак, гледам многу измамници кои ги искористуваат ситуациите, кои ги „заобиколуваат“ правилата, па престанувам да ги следам, престанувам да инсистирам на правда и законитост: „Но, ако тие измамници прават така, тогаш и јас ќе го правам истото“. Пазете се од тоа! Друг пример: служам на Црквата, на заедницата, на сиромашните, но гледам дека многу луѓе мислат само на забава во слободното време, па помислувам и јас да се откажам и да правам како нив. Затоа што не гледам резултати или ми е досадно и не сум среќен.

Да се има трпение, напротив, значи да се остане во доброто. Да се запрашаме: какво е моето трпение? Дали сум непоколеблив или ја живеам верата, правдата и милосрдието во зависност од моментот: ако имам желба да молам – молам, ако ми одговара сум коректен, достапен и корисен, ако пак сум незадоволен, ако никој не ми се заблагодарува, престанувам да се молам? Накратко, дали мојата молитва и служба зависат од околностите или од постојаното срце во Господа? Ако истраеме – нè потсетува Исус – нема од што да се плашиме, дури и во тажните и грди настани во животот, дури ни од злото што го гледаме околу нас, затоа што остануваме втемелени во доброто. Достоевски пишува: „Не плашете се од гревовите на луѓето, сакајте го човекот дури и со неговиот грев, бидејќи тој одраз на Божјата љубов е врв на љубовта на земјата“ (Браќа Карамазови, II, 6,3г). Трпението е одраз во светот на Божјата љубов, бидејќи Божјата љубов е верна, таа никогаш не се менува.

Пресвета Богородица, слугинката Господова истрајна во молитвата (сп. Дела 1,12), нека го зацврсти нашето трпение.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот