За време на молитвата Ангел Господов на 27 декември 2020 година, папата Фрањо истакна дека празникот на Светото семејство, нè повикува да размислиме „за фактот дека Синот Божји сакаше да има потреба од топлина на едно семејство, како и сите деца“. Ова е причината зошто Светото семејство на Исус, Марија и Јосиф може да послужи како модел „во кое сите семејства во светот можат да ја најдат својата сигурна референтна точка и сигурно вдахновение“. Говорот на папата Фрањо го пренесуваме во целост.
Драги браќа и сестри, добар ден!
Неколку дена по Божиќ Литургијата нè повикува да го свртиме погледот кон Светото семејство на Исус, Марија и Јосиф. Убаво е да се размислува за фактот дека Синот Божји сакаше, како и сите деца, да има потреба од топлина на семејно гнездо. Токму затоа што тоа е семејството на Исус, семејството од Назарет. семејство за пример, во кое сите семејства во светот можат да ја најдат својата сигурна референтна точка и сигурно вдахновение. Во Назарет никна пролетта на човечкиот живот на Синот Божји, во часот кога беше зачнат преку Светиот Дух во девственото крило на Марија. Во гостопримливите sидови на назаретскиот дом, детството на Исус поминуваше во радост, опкружено со мајчината грижа на Марија и грижата на Јосиф, во која Исус можеше да ја види Божјата нежност (сп. Апостолско писмо Patris corde, 2, 2).
Следејќи го примерот на Светото семејство, повикани сме повторно да ја откриеме воспитната вредност на семејството: таа мора да се заснова на љубов, која секогаш раѓа односи, отворајќи хоризонти на надеж. Во семејството може да се доживее искрена заедница кога е дом на молитва, кога чувствата што ги врзуваат членовите на семејството се сериозни, длабоки и чисти, кога простувањето има предност пред несогласувањето, кога секојдневната грубост на животот ја ублажува меѓусебната нежност и радосната приврзаност кон Божјата волја. На тој начин, семејството се отвора кон радоста што Бог им ја дава на сите оние кои знаат да даваат со радост. Тоа, во исто време, пронаоѓа духовна сила да се отвори кон надвор, кон другите, за служење на своите браќа, за соработката во градењето на секогаш нов и подобар свет и според тоа е во состојба да биде носител на позитивни поттикнувања; семејството евангелизира со примерниот живот.
Вистина е, во секое семејство има проблеми, а понекогаш и расправии. „Татко, се расправав…“ – ние сме луѓе, слаби сме и на сите понекогаш ни се случува да се расправаме во семејството. Ќе ви кажам нешто: ако во семејството се скараме, сепак денот да не заврши без да се помириме. „Да, се расправав“, но пред да заврши денот, смири се. И знаеш ли зошто? Затоа што студената војна следниот ден е многу опасна. Не помага. А потоа, има три збора во семејството, три збора кои секогаш мора да се чуваат: „те молам“, „благодарам“, „извини“. „Те молам“, за да не бидеме груби кон другите. „Може ли да го направам ова, те молам? Дали сметате дека можам да го направам тоа?“ „Те молам”. Секогаш, не биди груб. „Те молам“, е првиот збор. „Благодарам“:има толку многу помош, толку многу служење еден на друг во семејството. Секогаш благодари. Благодарноста е крв на благородната душа. „Благодарам”. А потоа – најтешко е да се каже: „Извини“. Затоа што ние секогаш правиме лоши работи и честопати некој се чувствува навреден поради тоа. „Прости ми“, „Жал ми е“. Не заборавајте на тие три збора: „те молам“, „благодарам“, „извини“. Ако ги има овие три збора во семејството, во семејната атмосфера, семејството е добро.
Денешниот празник нè повикува на примерот за евангелизација со семејството, предлагајќи ни го идеалот за брачна и семејна љубов, како што е нагласено во Апостолскиот поттик Amoris laetitia, чија петта годишнина од прогласувањето ќе се слави на 19 март следната година. Тоа ќе биде година на размислување за Amoris laetitia и можност за подлабоко проучување на содржината на овој документ [19. март 2021 година – јуни 2022 година].
Овие размислувања ќе бидат ставени на располагање на црковните заедници и семејствата за да ги придружуваат на нивното патување. Веќе уште сега ги поканувам сите да се приклучат на иницијативите што ќе бидат промовирани во текот на таа година и кои ќе бидат координирани од Дикастеријата за лаици, семејство и живот. Ова чекорење на семејства од целиот свет му ја доверуваме на Светото назаретско семејство, посебно на Свети Јосиф, сопруг и грижлив татко“.
Богородица, на која сега се обраќаме со молитвата Ангел Господов, нека се моли семејствата од целиот свет да бидат сè повеќе маѓепсани од евангелскиот идеал на Светото семејство и со тоа да станат квасец на ново човекољубие и конкретна и сеопшта солидарност.
Ватикан њуз/к.мк