На празникот Крштение Господово, во недела 10 јануари 2021 година папата Фрањо ја истакна важноста на крштението и милоста. Молитвата Ангел Господов беше одржана повторно од библиотеката на Апостолската палата. Поради ситуацијата со коронавирусот папата Фрањо мораше да ги откаже закажаните Крштенија во Сикстинската капела. Говорот на папата Фрањо ја пренесуваме во целост.
Драги браќа и сестри, добар ден!
Денес го славиме Крштението Господово. Пред неколку дена зад себе го оставивме Младенецот на Исус, кој го посетија мудреците; денес го наоѓаме како возрасен на бреговите на Јордан. Литургијата прави скок од триесет години, од кои триесет години знаеме само една работа, а тоа е дека тоа беа години на сокриен живот, кои Исус ги помина во своето семејство – некои претходно, во Египет, како мигрант за да избега од прогонството на Ирод, останатите во Назарет, учејќи го занаетот на Јосиф – во семејството послушен на родителите, учејќи и работејќи. Зачудува тоа што Господ го поминуваше поголемиот дел од своето време на земјата на овој начин, живеејќи обичен, секојдневен живот, без да се истакнувал со својата појава. Сметаме, според евангелијата, дека три години поминал проповедајќи, правејќи чуда и многу повеќе. Три години. А другите, сите други, биле години на сокриен живот во семејството. Тоа е убава порака за нас: ни ја открива величината на секојдневниот живот, важноста која ја има во Божјите очи секој гест и момент од животот, дури и наједноставниот, па дури и најскриениот.
По овие триесет години живот во тајност, започнува јавниот живот на Исус. Започнува со неговото крштевање во реката Јордан. Но, Исус е Бог, зошто Исус дозволил да биде крстен? Крштевањето на Иван се состоело од обред на каење, тоа било знак на желбата на човекот да се преобрати, да биде подобар, барајќи прошка за сопствените гревови. На Исус сигурно тоа не му било потребно. Иван Крстител дури се обидува да се спротивстави на тоа, но Исус инсистира. Зошто? Затоа што сака да биде со грешниците: затоа влегува меѓу нив и го прави истиот гест како и тие. Тој тоа го прави со истиот став како што прават луѓето, ставот на оние кои, како што вели една литургиска химна, пристапуваат „голи души и боси нозе“. Гола душа, односно да не се прекрива ништо, таква каква што е, грешна. Тоа е гест што Исус го прави и се спушта во реката за да се потопи во истата наша состојба. Имено, крштевањето значи „потопување“. На првиот ден од својата служба, Исус ни го нуди неговиот „програмски манифест“.Ни истакнува дека Тој не нè спасува одозгора, со суверена одлука или некаков чин на сила, со некаков декрет, не: Тој нè спасува со тоа што ни доаѓа во пресрет за да ги преземе врз себе нашите гревови. Еве како Бог го победува злото на светот: слегувајќи во долината на солзите, преземајќи го врз себе товарот на тоа зло.
Тоа е исто така начинот со кои ние можеме да ги подигнеме другите кога ќе паднат: да не ги осудуваме, да не им заповедаме што да прават, туку да им бидеме близу, да страдаме со нив, споделувајќи ја со нив Божјата љубов. Блискоста е начинот со кој Бог се однесува со нас; Тој самиот тоа му го кажа на Мојсеј: „Кој народ е толку голем што боговите му се толку блиски, како што ни на нас Јахве, нашиот Бог? Блискоста е начинот на кој Бог се однесува со нас.
После овој Исусов гест на сочувство, се случува нешто чудесно: небото се отвори и конечно се објавува Троица. Светиот Дух слегува во вид на гулаб (сп. Марко. 1:10), а Отецот му вели на Исус: „Ти си мојот возљубен Син“ (р. 11). Бог се објавува кога ќе се појави милосрдие. Ова не го заборавајте: Бог се објавува кога ќе се појави милосрдие, бидејќи тоа е Неговото лице. Исус станува служител на грешници и е прогласен за Син; се спушта врз нас и Духот слегува врз него. Љубовта довикува љубов. Ова важи и за нас: при секој гест на служење, во секој чин на милосрдие што го правиме, Бог се објавува, Бог го свртува својот поглед на светот. Тоа важи и за нас.
Но, дури и пред да направиме нешто, нашите животи се обележани со благодатта која слезе врз нас. Спасени сме бесплатно. Спасението е бесплатно. Тоа е бесплатен Божји чин на милосрдие кон нас. Светотаински тоа се случува на денот на нашето крштевање; но дури и оние кои не се крстени секогаш го примаат Божјото милосрдие, затоа што Бог е тука, чека, чека да се отвори вратата на срцето. Приоѓа, се осмелувам да кажам, нѐ милува со своето милосрдие.
Богородица, на која сега ќе ѝ се обратиме со молитва, нека ни помогне да го зачуваме нашиот идентитет, односно идентитетот на „возљубени со милосрдие“, што е извор на верата и животот.
Ватикан њуз/к.мк