На првата недела по Божиќ, Црквата го прославува празникот на Светото Назаретско Семејство. Во пладневната молитва Ангел Господов во недела 31 декември 2023 година, папата Фрањо зборуваше за Јосиф и Марија кои се восхитуваа на она што беше кажано за Исус: „Способноста да се восхитува е тајната за подобро семејството“, восхит пред доброто што постои во нашите животи и во оние кои не опкружуваат како што се сопружниците, децата, бабите и дедовците. Говорот на Папата го пренесуваме во целост.
Драги браќа и сестри, добар ден!
Денеска го празнуваме празникот на Светото семејство – Исус, Марија и Јосиф. Евангелието ни го прикажува Светото семесјтво во ерусалимскиот храм за време на принесувањето на Младенецот на Господа (сп. Лука 2, 22-40).
Гледаме дека Светото семејство доаѓа во храмот и го принесува најскромниот и наједноставниот од сите пропишани приноси, како потврда за неговото сирмаштво. На крајот, Марија прима пророштвото: „меч ќе ти ја прободе душата“ (Лука 2,35). Тие доаѓаат со сиромаштво и заминуваат со бреме на страдање. Ова предизвикува восхит: како тоа Исусовото семејството, единственото семејство во историјата што може да се гордее со фактот дека Бог е присутен во него со крв и месо, и наместо да е богато, е сиромашно! Наместо да му биде полесно, патот му е посеан со трње! Наместо да биде поштедено од напор, било потопено во голема болка!
Што ни зборува ова за нашите семејства, тој начин на живот, историјата на Светото семејство, сиромашни, воздржани, со големи страдања? Ни кажува нешто многу убаво: Бог, за кого често мислиме дека е над проблемите, кој може да ги отстрани од нашите животи, дојде да го живее нашиот живот оптоварен со проблеми. Така не спаси: не дојде како возрасен, туку како дете; живеел во семејство, дете на една мајка и еден татко; најголемиот дел од животот го поминал таму, растејќи, учејќи, во секојдневието составено од повлеченост и тишина. Ниту тешкотиите не го заобиколиле. Напротив, избирајќи семејство „искусно во страдањето“ им порачува на нашите семејства: „Ако ве снајдат потешкотии, знам како се чувствувате, поминав низ тоа: јас, мајка ми и татко ми го доживеавме истото за да му кажеме на вашето семејство: не сте сами!“.
Јосиф и Марија „се чудеа на она што се зборуваше за Него“ (сп. Лука 2,33), бидејќи не ни помислуваа дека стариот Симон и пророчицата Ана ќе им го кажат тоа. Се чудеа. Сакам да се задржам на тоа денес: способноста да се чудиме. Способноста да се восхитуваме е тајната на семејниот напредок. Не навикнување на вообичаените работи. Пред сè, треба да се знае да се изрази восхит кон Бога, кој нè придружува на нашето животно патување. Понатаму, негувајте восхит во семејството. Мислам дека е добро сопружниците да знаат да се восхитуваат еден на друг, на пример со нежно држење за рака неколку моменти навечер и гледање во очи: восхитувањето води до нежност. Таа нежност во бракот е убава! Да му се восхитуваме на чудото на животот, на чудото на децата, наоѓајќи време да си играме со нив и да ги слушаме. Ве прашувам, татковци и мајки: наоѓате ли време да си играте со вашите деца? Да ги прошетаме? Зборував со една личност вчера на телефон и ја прашав: „Каде си?“ – „Јас сум на плоштад, ги зедов децата на прошетка“. Тоа е убаво татковство и мајчинство. Исто така, восхитувајте се на мудроста на бабите и дедовците. Многупати ги острануваме бабите и дедовците од нашите животи. Не смееме да се прави тоа, бабите и дедовците се извор на мудрост. Да научиме да се восхитуваме на мудроста на бабите и дедовците, на нивниот живот. Бабите и дедовците нè навраќаат на она што е важно во животот.
На крајот, восхитувајте се на сопствената историја на љубов – секој од нас има своја: Господ дозволил нашиот животен пат да биде посипан со љубов, па затоа треба да се восхитуваме. Нашиот живот секако има негативни страни, но треба да се восхитуваме и на Божјата добрина кој не придружува на нашето животно патување, иако сме многу неискусни.
Марија, царица на семејството, нека ни помогне да се восхитуваме секој ден: Да молиме денес за благодатта на восхит. Богородица нека ни помогне да се восхитуваме на доброто и да знаеме да ги научиме другите на убавината на восхитувањето.
Ватикан њуз/к.мк