Ангел Господов: Свети Фрањо ни покажува како да градиме мир преку братска љубов

Ангел Господов: Свети Фрањо ни покажува како да градиме мир преку братска љубов

За време на неделната молитва „Ангел Господов“, папата Лав XIV размислуваше за Божјата милост и се потсети на свети Фрањо Асишки по повод 800-годишнината од неговата смрт, повикувајќи ги верниците да се молат за мир и да градат хармонија меѓу народите.

„Бог никогаш не го отфрла нашиот живот!“, ги увери папата Лав XIV верниците за време на молитвата „Ангел Господов“ во недела 4 октомври 2026, потсетувајќи дека ниту отфрлањето ниту насилството не можат да ја спречат Божјата спасителна волја.

Обраќајќи им се на присутните на плоштадот „Свети Петар“, Папата се осврна на евангелската парабола за лозјето, која фрла светлина врз животот и мисијата на Исус. Тој се потсети и на свети Фрањо Асишки по повод 800-годишнината од неговата смрт, истакнувајќи го неговото сведоштво на верата и братската љубов како пат кон обнова на Црквата и градење на мирот.

Божјата милост е поголема од злото

Исус, објасни Папата, е Синот Божји испратен во светот, но отфрлен од токму оние што требало да Го примат со раширени раце. „Оној Кој дојде да донесе спасение е осуден; Оној Кој сака да даде живот е убиен.“ Додека ова отфрлање нè повикува да размислиме за многуте суровости што го погодуваат светот и историјата на народите, Христовото учење ни ја открива уште поголемата милост на Отецот.

Насилството го нема последниот збор. Во Својата бесконечна правда, Бог го преобразува злото во можност за спасение, како што покажуваат зборовите на кои Исус потсетува: „Каменот што го отфрлија ѕидарите стана камен-темелник“. Она што било отфрлено, забележа папата Лав, станува темелот што држи сè. На тој начин Бог ја води историјата и ни доаѓа на помош секогаш кога паѓаме.

Обнова на Црквата

Осврнувајќи се на сликата на лозјето, Папата објасни дека таа ја претставува Црквата, која со нашите избори можеме или да ја градиме или да ја повредуваме. По повод 800-годишнината од смртта на свети Фрањо, тој се потсети на светецот како на работник кој плодно се трудел во Господовото лозје, одговарајќи на Исусовиот повик да ја обнови Неговата Црква. Вдахновен од Распнатиот Христос, Фрањо започнал така што сопствениот живот го изградил врз Христос, учествувајќи во Неговата сиромаштија, радост и страдања, сè до примањето на стигмите. Неговата истрајна молитва и љубовта кон сите станале пример и за првите браќа, кои го споделиле неговиот аскетски начин на живот како вистински пат за обнова на Црквата. „Свети Фрањо ја обнови Црквата врз темелот на својата вера во Господ Исус“, рече Папата, „исцелувајќи ги пукнатините на поделбите преку сведоштвото на братската љубов“.

Наследство кое продолжува да дава плодови

Осум века подоцна, харизмата на свети Фрањо продолжува да дава плодови, продолжи папата Лав. Тоа е видливо и во големото и живо фрањевско семејство, како и во многуте дарови што неговото духовно наследство продолжува да му ги нуди на Божјиот народ.

Додека Црквата ја одбележува фрањевската јубилејна година, Папата ги повика верниците „истрајно да го измолат дарот на мирот и искрено да се посветат на градењето хармонија меѓу народите“.

На крајот, Папата ја довери оваа накана на застапништвото на Пресвета Богородица, пред да ја измоли молитвата „Ангел Господов“ во духовно единство со верниците собрани во светилиштето во Помпеја на молебенот кон Богородица на Светата Бројаница.

к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот