Ангел Господов: Папата повика на молитва за Синодата
Драги браќа и сестри, добар ден!
Со утринската света Литургија во базиликата Свети Петар ја започнавме вонредната Епископска синода. Синодските оци од целиот свет заедно со мене ќе живеат две интензивни недели на слушање и дијалог, збогатени со молитва, на тема „Пасторалните предизвици поврзани со семејството во контекст на евангелизацијата“.
Божјото Слово денес пред очи ни ја става сликата за лозјето како симбол на народот кој Господ го избрал. Како лозјето и народот бара многу грижа, бара трпеливост и верна љубов. Така Бог прави со нас, а така сме повикани да правиме и ние пастирите. А грижата за семејството е еден од начините на кои се работи во лозјето Господово, за да донесе плодови за Царството Божјо (Мт 21, 33-34).
Но, за семејството да може да оди добро, со доверба и надеж, тоа мора да се храни со Словото Божјо. Заради тоа среќна коинциденција е што всушност денес нашите браќа паолини (членови на дружбата Società San Paolo) одлучија да поделат голем број примероци од Библијата на овој плоштад и на многу други места. Им благодариме на нашите браќа паолини! Тие тоа го прават по повод 100 годишнината од своето основање, од страна на блажен Џакомо Алберионе, голем апостол на комуникацијата. Така денес кога се отвара Синодата за семејството, со помош на паолините, можеме да кажеме: Библија во секое семејство! „Но Оче, ние имаме две, три…“ Но, каде сте ги сокриле? Библијата не служи за да се стави на полицата, туку да се држи на дофат на рацете, да се чита често, секој ден, било поединечно или заедно, маж и жена, родители и деца, можеби во вечерните часови, а посебно во недела. Така семејството расте, оди со светлината и силата на Божјото Слово!
Ги повикувам сите да ја поддржат работата на Синодата со својата молитва, повикувајќи го мајчинското застапување на Дева Марија. Да се придружиме во овој час во молитвата на оние кои во светилиштето во Помпеја ја издигаат традиционалната молитва до Богородица од Бројаницата. Нека Таа измоли мир во семејствата и во целиот свет!
По Ангел Господов
Вчера во САД е прогласена за блажена сестра Марија Тереза Демјанович, од дружбата на сестрите милосрдници на света Елисавета. Му благодариме на Бог за таа верна Христова ученичка која имала интензивен духовен живот.
[…]
Ве молам не заборавајте да молете за Синодата, молете се Богородица да ја чува таа Синода. На сите ви посакувам пријатна недела. Молете се за мене. Добар апетит и до гледање!
РВ/Д.И.