Дали Исус бара нешто невозможно, неправедно во денешното Евангелие наменето за Литургијата? Папата се осврна на ова прашање во неговото неделно обраќање пред молитвата Ангел Господов и истакна дека Господ е подготвен да даде кога бара нешто и дека примерот на Исусовото неправедно судење може да биде поттик и за нас да го свртиме „другиот образ“ во ситуации кога ни се нанесува зло.
Во Евангелието од денешната Литургија Исус им дава на учениците некои основни животни насоки, истакна Папата. Господ зборува за најтешките ситуации – кога сме соочени со непријатели, со оние кои се обидуваат да ни наштетат. Во такви случаи, Исусовиот ученик е повикан да не се препушта на инстинктот и омразата, туку да оди подалеку од тоа. Исус вели: „Љубете ги непријателите свои; правете им добро на оние што ве мразат!“ (Лука 6,27). Поконкретно, додаде Папата, повикува „оној, што ќе те удри по едниот образ, заврти му го и другиот“ (Лука 6,29). Кога го слушаме ова, ни изгледа дека Господ го бара невозможното, рече Папата за време на говорот пред молитвата Ангел Господов во недела 20 февруари 2022 година.
Исусовата благост
Но, дали Бог бара навистина невозможни и неправедни работи? Светиот Отец повика на размислување за реакцијата на Исус за време на страдањата кога при неправедно судење добил шамар од стражарите. Да се сврти другиот образ, објасни Папата, не значи страдање во тишина, препуштање на неправдата. Од слугата кој го удри Исус бара отчет за неправдата што му е направена, објаснување. Исус со тоа прашање го осудува она што е неправедно, но тоа го прави без гнев , без насилство, туку љубезно. Не сака да предизвика кавга, туку да ја ублажи огорченоста, се обидува заедно да ја згасне омразата и неправдата, да го врати својот брат кој тргнал на погрешен пат. Нежноста на Исус е посилен одговор од шлаканицата што ја доби, нагласи Папата.
Водени од љубовта
Свртувањето на другиот образ не е повлекување на губитникот, туку дејство на оној кој има поголема внатрешна сила . Да се сврти другиот образ значи да се победи злото со добро, што прави пукнатина во срцето на непријателот, откривајќи ја апсурдноста на неговата омраза. Не се води од пресметка, туку од љубовта, нагласи Светиот Отец и додаде: Исусовата љубов е таа која во нашето срце овозможува да правиме работи како него, кој ја отфрла секоја одмазда.
Господ со задоволство дава сила за љубов
Дали воопшто е можно човек да ги засака своите непријатели? Одговорот на Папата е потврден. Но, тоа не би било можно ако зависи само од нашите сили. Но, да се потсетиме, кога Господ бара нешто, сака тоа и да ни го даде. Никогаш не побарал нешто што досега не дал, рече Светиот Отец. Кога ми вели да ги сакам своите непријатели, сака да ми даде и способност за тоа. Бог со задоволство ни дава сила за љубов, која не е нешто, туку Светиот Дух, додаде Светиот Отец. Силата на љубовта е Светиот Дух, а со духот на Исус можеме на злото да одговориме со добро, можеме да ги сакаме оние што ни прават зло. Тоа го прават христијаните. Колку е тажно кога луѓето и народите, горди што се христијани, другите ги гледаат како непријатели и мислат дека војуваат еден против друг, рече Папата.
Молитва за оние кои ни направиле некоја штета
Папата Фрањо го заврши неделното обраќање со тоа што ги повика верниците да помислат на личноста која им нанела некоја штета. Ако сме во себе можеби огорчени, во огорченоста да ја ставиме сликата на Исус, кој бил кроток за време на судењето. Потоа, Папата рече дека треба да се бара Светиот Дух да делува во срцето и на крајот да се моли за таа личност. Молитвата за оние кои се однесувале лошо со нас е првиот чекор за претворање на злото во добро, рече Папата, повикувајќи го застапништвото на Пресвета Богородица да ни помогне да бидеме работници на мирот кон сите.
Ватикан њуз/к.мк