Стани и испружи ја раката кон Бога кога се чини дека те надвладеале тешкотиите; побрзај да му помогнеш на ближниот со доверба и радосни чекори. Во четвртата Недела од Адвент, Папата во своето пладневно обраќање ги поттикна верниците последниот дел од патувањето до Божиќ да го поминат по примерот на Марија.
Како и Марија по навестувањето на ангелот – така папата Фрањо во денешното пладневно обраќање пред бројните верници собрани на плоштадот Свети Петар – предложи да ги живееме овие последни денови кои не делат од Божиќ. На последниот дел од адвентскиот од, да дозволиме да бидеме водени од тие два збора: стани и побрзај; има две движења кои Марија ги направи и на кои нè повикува и нас да ги направиме во пресрет на Божиќ – рече Папата.
Марија не останува дома парализирана од грижи, не потонува во самосожалување и страв од несфаќањето и строгите казни на кои била изложена поради неочекувана бременост – во тоа време можела да биде каменувана – туку тргнува на пат за да ја сподели со нејзината роднина Елисавета радоста што ја носи во срцето. Таа стана и појде – рече Папата и праша: Но зошто е потребно да се стане?
Затоа што Бог е голем и подготвен да нѐ подигне ако му подадеме рака. Затоа, да ги предадеме на Него негативните мисли, стравовите, кои го блокираат секој занес и нѐ спречуваат да одиме напред. И да направиме како што направи Марија: да погледнеме наоколу и да побараме некој на кој можеме да му помогнеме! Дали има некој постар човек што го познавам на кој можам да му правам малку друштво, да му направам некоја услуга, некоја љубезност или телефонски повик? Помагајќи им на другите, ќе си помогнеме на себе да се издигнеме од тешкотиите – рече Папата.
Марија брза, но тоа не значи дека е вознемирена, без здив. Тоа значи да ги поминеме деновите со радосни чекори, да гледаме напред со самодоверба, да не се повлекуваме со зли мисли, да робуваме на тагата, секогаш да бараме некого за да го обвиниме. Затоа, да се запрашаме: Каков е мојот чекор? Дали сум конструктивен или се препуштам на меланхолија? Дали одам напред со надеж или запирам и плачам за себе? Ако продолжиме со уморниот чекор на приговарање и озборување, на никој нема да можеме да му го донесеме Бог – истакна папата Фрањо.
Мораме да одиме напред со надеж и негувајќи здрав хумор, земајќи ги како примери Свети Томас Мор и Филип Нери. Првиот чин на милосрдие што можеме да го направиме на нашиот ближен – според Папата – е да му понудиме мирно и насмеано лице. Тоа значи да му ја донесеме Исусовата радоста, како што направи Марија со Елисавета.
По молитвата Ангел Господов, папата Фрањо ја изрази својата близина со населението на Филипините погодено од тајфунот Раи, кој според привремените податоци, предизвика најмалку стотина жртви. Притоа Светиот Отец поттикна на конкретна помош и духовна утеха.
Ватикан њуз/к.мк