За Господ не постојат луѓе кои се исклучени, сите ги смета достојни за неговата љубов – рече папата Фрањо за време на молитвата ангел Господов на 11 октомври 2020 година на плоштадот Свети Петар. Говорот на папата Фрањо го пренесуваме во целост.
Драги браќа и сестри, добар ден!
Со проповедање на параболата за свадбената гозба од денешното Евангелие (сп. Матеј 22,1-14) Исус го изнесува наумот кој Бог го има со човечкиот род. Царот, кој подготви свадба за својот син (р.2) е слика за Отецот кој за целото човечко семејство го подготви прекрасниот празник на љубовта и заедништвото околу својот Единороден Син. Царот дури два пати го испраќа својот слуга да ги повика гостите, но овие одбиваат, не сакаат да одат на прославата, затоа што имаат да размислуваат за други работи: за полиња и работата. Многу пати и ние ги ставаме своите интереси и она материјалното пред Господ кој нѐ повикува, нѐ повикува на славење. Но царот од параболата не сака салата да остане празна, затоа што сака да дарува од богатствата на своето царството. Затоа ќе им каже на слугите: Одете по раскрсниците и, колку души ќе најдете, поканете ги на свадба! (р.9). Така се однесува Бог, кога ќе го отфрлат, наместо да се откаже, го повторува повикот и наредува да се повикаат сите оние кои се на раскрсниците, не исклучувајќи никого. Никој не е исклучен од Божјиот дом.
Изворниот израз кој го користи евангелистот Матеј се однесува на граничните патишта, односно на оние точки на кои завршуваат градските улици и започнуваат патиштата кои водат во полињата, надвор од населените места, каде што владее оскудица. На тие луѓе од раскрсниците царот во параболата ги праќа своите слуги, убеден дека ќе најде луѓе кои се подготвени да седнат на трпезата. Така свадбената сала се исполнила со „исклучените“, оние кои се “надвор“, оние кои никогаш не изгледале достојни да учествуваат на прославата, на свадбената гозба. И уште повеќе: господарот, царот, им вели на слугите: Повикајте ги сите, и добрите и лошите. Сите. Те повикува: Дојди, дојди, дојди! И Исус јадел со цариници, кои биле јавни грешници, биле зли. Бог не се плаши од нашите души ранети со многу зла, затоа што нѐ љуби, нѐ повикува. А Црквата е повикана да појде по денешните раскрсници, односи до географските и егзистенцијалните периферии на човештвото, оние места на маргините, на ситуации во кои се логорува и се живее без надеж. Се работи за тоа дека не смееме да запреме на комфорните и вкоренети начини на евангелизација и сведочење на љубовта, туку да ја отвориме врата на нашето срце и нашите заедници за сите, затоа што Евангелието не е привилегија за неколкумина одбрани. И оние кои се на маргините, дури и оние кои ги отфрла општеството и ги презира, Бог ги смета достојни за неговата љубов. Својата гозба ја подготвува за сите: за праведниците и грешниците, за добрите и лошите, образованите и неуките. Синоќа успеав да разговарам телефонски со постар италијански свештеник, мисионер кој работи со млади во Бразил, но секогаш работел со исклучените, со сиромашните. И тука својата старост ја живее спокојно: целиот свој живот го потрошил на сиромашните. Тоа е нашата Мајка Црква, тоа е Божјиот гласник, кој оди на раскрсниците.
Сепак Господ поставува еден услов: гостите да носат свадбена облека. Се враќаме на параболата. Кога домот се наполнила, доаѓа царот и ги поздравува гостите во последниот час, но забележува дека еден на себе нема свадбена облека, еден вид наметка, која секој гостин ја добивал како подарок на влезот. Луѓето оделе во облека во која биле, онака како што можеле да се облечат, не носеле свечени облеки. Но на влезот им се давало некој вид наметка, тоа им било дар. Некој човек, одбивајќи го бесплатниот дар, самиот себе се исклучил: така царот не може ништо друго, освен да го исфрли. Тој човек го прифатил повикот, но потоа заклучил дека тоа и не му значи многу: бил самобендисан, не можел ниту најмала желба да промени или да дозволи Господ да го промени. Свадбената облека, таа наметка ни го симболизира милосрдието кое Бог слободно ни го дава, односно милоста. Без милоста не може да се направи чекор напред во христијанскиот живот. Сѐ е милост. Не е доволно да се прифати повикот да го следиме Господ, потребно е да бидеме подготвени за пат на преобраќање кое го менува срцето. Облека на милосрдието, кое Бог непрестајно ни го нуди, е бесплатен дар на неговата љубов, тоа всушност е милост. И бара да се прифати со восхит и радост: Ти благодарам, Господи, што ми го даде овој дар“.
Пресвета Марија нека ни помогне да го видиме тој дар на слугата од евангелската парабола и да излеземе од своите тесни шеми и да ги напуштиме своите тесногради погледи, навестувајќи им на сите дека Господ нѐ повикува на својата гозба, за да ни понуди милост, која спасува, да ни го подари својот дар.
Ватикан њуз/к.мк