Ангел Господов: Богородица безгрешно зачната

Драги браќа и сестри, добар ден!

Втората недела од адвент се совпаѓа со празникот Безгрешно зачнување на Пресвета Богородица. Погледот ни го привлекува убавината на Исусовата Мајка, нашата Мајка! Со голема радост Црквата ја гледа како она која е „благодатна“ (Лк 1,28) и тргнувајќи од тие зборови да ја поздравиме заедно: „благодатна“. Да повториме три пати: „благодатна“. Сите: благодатна! Благодатна! Благодатна! Така Бог ја гледал од првиот момент во својот план на љубовта. Ја видел убавината, полна со благодат. Колку е убава нашата Мајка! Марија нѐ подржува на нашиот пат кон Божиќ, бидејќи нѐ учи како да го живееме ова време на адвент во исчекување на Господ. Затоа ова време е исчекување на Господ кој сите ќе нѐ посети за овој празник, но исто така, секого од нас во нашето срце. Господ доаѓа. Да го чекаме!

Евангелието од Лука ни ја претставува Марија, девојка од Назарет мало место во Галилеја на периферијата на Римското царство и на периферијата на Израел. Тоа е едно мало село. Сепак на неа, на таа девојка од тоа далеко место, на неа Господ го свртел својот поглед, кој однапред ја избира за мајка на својот Син. Поради тоа мајчинство Марија е зачувана од источниот грев, односно она раскинување на заедништвото со Бог, кое длабоко го погодува секој човек другите и созданието. Но тоа прекинување е однапред завршено во Мајката на Оној кој дојде да нѐ ослободи од ропството на гревот. Безгрешната е запишана во Божјиот план; таа е плод на љубовта Божја која го спасува светот.

А Марија никогаш не се одделила од таа љубов: целиот нејзин живот, целото нејзино битие е „да“ на таа љубов, „да“ на Бог. Но тоа сигурно за неа не било лесно! Кога ангелот ја нарекува „благодатна“ (Лк 1,28), таа е „збунета“ бидејќи во својата понизност се чувствува ништовно пред Бог. Ангелот ја утешува: „Не бој се, Марија, зашто си нашла милост пред Бога; и ете ќе зачнеш … Син и ќе го наречеш со името Исус (Лк 1,30-31). Тоа навестување уште повеќе ја потресува, затоа што сѐ уште не била венчана со Јосиф; но ангелот додава: „Светиот Дух ќе слегне на тебе… па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји“ (Лк 1,35). Марија слуша, со послушност во срцето одговара: „Еве ја слугинката Господова, нека ми биде според зборовите твои.“ (Лука 1,38)

Тајната на таа девојка од Назарет, која е во Божјото срце, не ни непозната. Таа не е таму, а ние овде. Не, ние сме поврзани. Имено Бог го спушта погледот на љубов на секој маж и секоја жена! Со име и презиме. Неговиот поглед на љубовта е над сите нас. Апостол Павле вели дека Бог „нѐ избра преку Него, уште пред светот да се создаде, за да бидеме свети и непорочни пред Него во љубовта.“ (Ефесјани 1,4). И ние од секогаш сме избрани од Бог да живееме свет живот, слободни од гревот. Тоа е планот на љубовта кој Бог го обновува секој пат кога му пристапуваме посебно во светите Тајни.

На овој празник, гледајќи ја нашата безгрешна и убава Мајка да го спознаеме нашето вистинско одредиште, нашиот длабок повик: да бидеме љубени, да бидеме преобразени со љубовта, да бидеме преобразени до Божјата убавина. Да ја гледаме нејзе, нашата Мајка и да дозволиме и таа да нѐ гледа нас, бидејќи е наша Мајка и многу нѐ љуби; да дозволиме да нѐ гледа и да научиме да бидеме понизни, па и храбри во наследувањето на Божјото Слово; да ја прифатиме нејзината прегратка на нејзиниот Син Исус, прегратка која ни дава живот, надеж и мир.

После Ангел Господов

Драги браќа и сестри,

Во духот да се прудружиме на Црквата која живее во Северна Америка која денес си спомнува на основањето на својата прва парохија Нотр-Дам од Квибек (Notre-Dame de Québec) основана пред 350 години. Благодарни сме за патот кој од тогаш е поминат, посебно за светците и мачениците кои ги збогатиле тие краеви. Ги благословувам сите верници кои ја слават таа годишнина.

Посебен поздрав до членовите на Италјанската католичка акција – еве ги! Кои денес ја обновуваат припадноста на здружението?: им посакувам секое добро во нивната образовна и апостолска посветеност. Само храбро напред!

Денес попладне, според древната традиција, ќе отидам на Шпанскиот плоштад (Piazza di Spagna) да се помолам пред статуата на Богородица. Ве молам со своите молитви да ми се придружите на тоа ходочастие, кое е чин на синовска преданост на Марија, на која и го доверуваме градот Рим, Црквата и целиот човечки род. По враќањето накратко ќе застанам во базиликата Света Марија Велика (Santa Maria Maggiore) со молитва да ја поздравам Богородица спасение за римскиот народ (Salus Populi Romani) ќе се помолам за сите вас и за сите жители на градот Рим.

На сите ви посакувам пријатна недела и среќен празник на нашата Мајка. Добар апетит и до скоро видување!

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот