Албанскиот пример покажува дека е можна соработка и соживот
Верата не смее никогаш да служи како оправдување за насилство, истакна папата Фрањо на почетокот на својата посета на Албанија. Никој не смее да ја зема религијата како оправдание за своите дела со кои се загрозува достоинството на човекот и неговите основни права, на прво место правото на живот и верската слобода, предупреди Папата.
Обраќајќи се на албанскиот претседател на владата, граѓанските власти и дипломатските преставници во Албанија, папата Фрањо истакна дека мирољубивиот соживот и соработката помеѓу припадниците на различните вероисповеди е драгоцен дар на таа земја. Во говорот во претседателската палата Папата изрази радост и благодарност заради атмосферата на почит и доверба кои постојат помеѓу католиците, православните и муслиманите во Албанија. Истакнувајќи ја неопходноста за почитување на човековите права, верската слобода и слободата на изразување кои што се неопходни за развојот и на човекот и за општото добро, Папата истакна дека албанскиот пример покажува како „мирољубивиот и плоден соживот меѓу луѓето и заедниците на верници од различни религии не е само посакуван, туку и остварлив и реален.“
Папата Фрањо се осврна и на новите предизвици со кои треба да се соочиме во светот кој тежнее кон економска и културна глобализација, предупредувајќи дека мора да се вложи напор за да се осигури растот и развојот да бидат во служба на сите, а не само на мал дел од населението. Развојот, рече Папата ќе биде единствено автентичен ако е одржлив и праведен и ги почитува правата на сиромашните и ја чува околината. Заедно со глобализацијата на пазарот мора да оди и глобоализацијата на солидарноста, заедно со економскиот раст мора да расте и почитувањето на создаденото, заедно со правото на поединецот мора да се гарантираат правата на оние кои се мостот помеѓу поединците и државата, вистинските семејства, истакна поглаварот на Католичката црква во првиот говор во Албанија.
РВ/Д.И.