Треба да се слуша Божјото Слово за да се избегне опасноста да стврдне срцето – рече папата Фрањо во проповедта на светата Литургија на 23 март 2017 година во капелата на домот Света Марта.
Кога се оддалечуваме од Бог и глуви сме за Неговото Слово, стануваме неверни католици, дури и „безбожни католици“ – истакна Папата.
Кога народот не го слуша Божјиот глас, му свртува грб на Бог и се оддалечува од Него. Ако пак не го слуша Божјиот глас, тогаш се слушаат други гласови. Упорно затворајќи ги ушите стануваме глуви за Божјото Слово – рече Папата коментирајќи го првото читање земено од Книгата на пророкот Јеремија.
А сите ние, ако малку застанеме и ѕирнеме во своето срце, ќе видиме колку пати сме ги затвориле ушите и сме биле глуви. Кога народот, некоја заедница, па и христијанска заедница, парохија, бискупија, ги затвори ушите и се глуви за Словото Божјо, тогаш се бараат други гласови, друг господ и се живее со идолите кои светот ги нуди. Се оддалечуваат од живиот Бог – рече Папата.
Ако се оддалечиме од Бог, стврднува нашето срце. Кога не се слуша, срцето станува тврдо, затворено во себе; тврдо е и неспособно било што да прими; не само затворање туку и вкочанетост на срцето. Човекот тогаш живее во опкружение, во атмосфера која не е добра за него, затоа што секој ден сѐ повеќе се оддалечува од Бог – истакна Папата додавајќи:
Не слушањето на Божјото Слово и тврдото срце, затворено во себе, ја уништуваат верноста. Се губи чувството за верност. Првото читање, односно Бог вели дека исчезнала верноста; стануваме неверни католици, католици погани или уште полошо „католици – атеисти,“ затоа што сме се оддалечиле од живиот Бог. Не слушањето и свртувањето грб нѐ води на патот на неверноста – рече Папата прашувајќи:
Како се покажува неверноста? Се покажува како збунетост; не се знае каде е, а каде не е Бог, Бог се меша со ѓаволот – рече Папата мислејќи на литургиското Евангелие кое зборува како некои рекле дека Исус „преку Велзевул кнезот на бесовите,“ ги изгонува бесовите.
Тоа пак е хулењ, последниот збор на одот кој започнал со неслушање, кој го стврднува срцето, води до збунетост, до неверност, завршува со псовка. Тешко на народот кој го заборава чудењето од првата средба со Исус. Можеме денес да се запрашаме:
Го слушам ли Словото Божјо, го земам ли во рацете Светото Писмо? Дали стврднало моето срце? Дали сум се оддалечил од Бог? Дали сум му неверен, живеам ли со идолите кои секој ден световноста ми ги нуди? Дали сум ја загубил радоста која ја почувствував на првата средба со Исус? Денес е ден за слушање. Денес послушајте го гласот Господов, така се молевме. Не бидете со тврди срца! Да молиме за милоста да не ни стврдне срцето – заврши Папата.
РВ/к.мк