Јужна Кореја очекува 1,5 милион верници на завршната света Литургија на Светскиот ден на младите
Јужна Кореја очекува до 1,5 милион верници на завршната света Литургија на Светскиот ден на младите
Организаторите на Светскиот ден на младите во Сеул се подготвуваат да пречекаат околу 500.000 регистрирани учесници, додека на завршната света Литургија се очекува да се соберат 1,5 милион верници.
Организацискиот одбор очекува околу 400.000 млади ходочесници од странство и приближно 100.000 учесници од Јужна Кореја. Подготовката на настан од вакви размери претставува голем логистички предизвик и бара соодветна инфраструктура, ефикасна комуникација и тесна соработка со државните и градските власти.
Градските власти на Сеул формираа посебен тим кој редовно соработува со организаторите на Светскиот ден на младите. Главната програма ќе се одржи од 3 до 8 август 2027 година во Сеул, а подготовките вклучуваат и иницијативи посветени на мирот, екуменски средби и теми поврзани со иднината на Корејскиот Полуостров.
Меѓу предизвиците со кои се соочуваат организаторите се јазичните бариери и добивањето визи за ходочесниците од одредени азиски земји. Голем број млади се очекуваат од Филипините, Виетнам, Индонезија и други земји од регионот.
Пред главната програма, од 29 јули до 2 август, ќе се одржат „Денови во бискупиите“. Младите ходочесници од странство ќе престојуваат во различни делови на Јужна Кореја, каде што ќе имаат можност да ги запознаат локалните католички заедници, корејската култура и секојдневниот живот, пред да отпатуваат за Сеул.
Програмата на Светскиот ден на младите ќе вклучува молитвени средби, катехези, концерти, претстави, изложби, Фестивал на младите, Парк на помирувањето и Саем на звања.
Организаторите потврдија дека светата Литургија на почетокот, пречекот на Папата и Крстниот пат ќе се одржат на стадионот на Светското првенство во Сеул. Молитвеното бдение со Светиот Отец и завршната света Литургија ќе се одржат во воздухопловната база Сеул во Сонгнам.
Според проценките на организацискиот одбор, на света Литургија на отворањето се очекуваат околу 200.000 луѓе, на пречекот на Папата околу 300.000, додека на Крстниот пат и молитвеното бдение би можеле да присуствуваат по околу 500.000 верници. На завршната света Литургија на 8 август, заедно со нерегистрираните учесници, се очекуваат 1,5 милион луѓе.
Пријавувањето за Светскиот ден на младите започна на 22 октомври 2026 година, на литургискиот спомен на Свети Иван Павле II, основоположникот на Светскиот ден на младите. По повод отворањето на регистрацијата, папата Лав XIV ги повика младите од целиот свет да дојдат во Сеул на „ходочестие на верата, пријателството и надежта“.
кта/к.мк

