Шест години од посетата на папата Фрањо во Македонија и почеток на конклавата

Шест години од посетата на папата Фрањо во Македонија и почеток на конклавата

Пишува: отец Гоце Костов

Додека денес во Ватикан започнува конклавата на која ќе биде избран новиот Петров наследник, се потсетуваме на еден многу важен историски момент од поновата историја – не само за Католичката црква во Македонија, туку и за самата земја — посетата на папата Фрањо на 7 мај 2019 година.

Шест години подоцна, спомените од неговата посета во Скопје, од светата Литургијата на плоштадот „Македонија“, средбите со државните и граѓанските власти, со сиромашните, со верските лидери и младите, како и со лицата посветени на Бога, остануваат да сведочат за ширината на папата Фрањо, кој сакаше да биде близок и со македонскиот народот, надминувајќи ги политичките, етнички и верски бариери.

Папата Фрањо беше глас на оние кои не беа доволно слушнати: сиромашните, мигрантите, младите без перспектива. Скопје, родниот град на Света Мајка Тереза, стана место од каде неговата порака за милосрдие и љубов кон ближниот одекна во светот. Католичката заедница во Македонија, која е жива и активна, и по шест години од неговата посета продолжува да се вдахновува од неговите зборови и пораки. Апостолската посета на папата Фрањо е најпрво охрабрување, а потоа и признание и доказ дека за него малите заедници се многу важни.

По дванаесет години понтификат, папата Фрањо остави зад себе голем завет – на Црквата и на светот – а кардиналите, собрани во Ватикан на Генералните конгрегации, се едногласни дека новиот Папа треба да го продолжи неговиот пат, патот на отвореност, близина, нежност, едноставност.

Кардиналите денес почнуваат со Конклавата, со изборот на новиот Папа. Со влегувањето во Сикстинската капела, кога вратите ќе се затворат, тие се исправени пред голема историска одлука. Токму затоа Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов упати апел за молитвата цитирајќи од Ordo Rituum Conclavis, каде стои дека Црквата за време на Конклавата се соединува во молитва со своите пастири, особено со кардиналите избирачи, кои ја носат одговорноста да го изберат новиот Петров наследник.

Да молиме во овие денови за изборот на новиот Папа, во заедништво со верниците од целиот свет, Господ повторно да го потврди единството на Црквата и следниот Петров наследник да биде пастир според Срцето Исусово, кој ќе продолжи правилно да го предава Словото на Божјата вистина.

Категорија: Колумни

За авторот