Денес на Цветници, пред сѐ се спомнуваме на Господовото славно влегување во Ерусалим со кое ќе започне довршувањето на таинството на спасението на човечкиот род. И како што Исус за време на своето јавно делување на своите ученици им ги навестувал своето страдање, смрт и воскресение, така и ние на почетокот на Страстната седмица, читаме за навестувањето на неговото свето страдание. Но покажувајќи дека сѐ е дел од Божјиот план, Исус сакал неговото влегување во Ерусалим да биде на начин на кој бил навестен во Стариот Завет, и во таа смисла Исус им дал детални инструкции на своите ученици, кои Евангелистот прецизно ги опишува.
Како што секогаш ги праќал своите ученици по двајца, така и сега испратил пред него двајца во селото за да му донесат осле кое сѐ уште никој не го јавал. Со тоа дал до знаење дека се исполнува пророштвото дадено од пророкот Захарија: „Ликувај од радост, ќерко Сионова, извикувај ќерко ерусалимска; ете, Царот твој доаѓа при тебе, праведен е и со спасувачка сила, кроток, седнат на осле, рожба на ослицата.“ (9,9) Исус не се двоумел да побара помош од своите ученици, како што не се двоумел, во својата понизност, да оди седнат на магарето, штом го оставил препознатливиот знак и порака, како на неговите современици, особено на жителите на Ерусалим и на многу придојдени поклоници, така и на нас верниците во современиот свет кои одиме на својот поклоннички пат кон царството Божјо.
Навистина, за месијанското влегување во Ерусалим му требало едно селско магаре, како и придружба од скромни луѓе како галилејските рибари. Освен тоа, масата луѓе кои му ги искажувале месијанските почести и пофалби се состоела од обичниот вернички народ. Ова скромно влегување е во контраст со чувството за големина и возвишеност кој го нудел Ерусалим како град, полн со горделивост и самодоволност. Ерусалим навистина се надевал на доаѓањето на друг поразличен Месија, а не на обичниот дрводелски син од Галилеја, туку некој славен и моќен Божји пратеник. Месијанските очекувања носеле печат на политичкото ослободување, на господарското владеење над другите народи, како и на културолошката надмоќ над цивилизацијата од тоа време која создавала пукнатини и на ткивото на нивното национално и верско битие.
Во сето тоа содржана е пораката и за нас, со цел и ние да не си даваме лажна надеж и да не чекаме некој погрешен месија, не разбирајќи дека Божјиот Месија е веќе дојден и дека некаде ни е близу, а треба само да го препознаеме. Ние христијаните повикани сме како овој едноставен народ да обрнеме внимание на нашето општество кое ја гради својата иднина како некогаш и Ерусалим, во самодоволност и во надворешните остварувања на сите желби и очекувања. Таков град не е Божји град, таков град не е месијански град. Таков горделив дух и горделиво општество не можат да го примат Месијата, туку само можат да го распнат и да го жртвуват, наводно, за корист која не е ништо друго освен лага и измама. Како луѓето кои на Господа му ги ставија на располагање магарето и облеките, и ние сме повикани да му ја ставиме на располагање нашата скромност, и самите себе да му се ставиме во служба, со цел да овозможиме неговото месијанско ослободително дело да се случи и за нас денес. Затоа ниту денес не смееме да градиме општество затворено за Месијата, општество кое не ја препознава неговата месијанска улога, општество кое не учи од неговата понизност.
Ниту денес немаме прво на ограничен месијанизам, затворен во надворешните традиции и човечките рамки на размислување и на остварување. Бидејќи таков човечки месијанизам не го гарантира доаѓањето и присуството на Бога во нашето општество. Подобро на целосен и веродостоен начин да се отвориме на Христовото доаѓање со цел во нашето општество да сведочиме за радоста со која нѐ исполнило неговото доаѓање. Пред него да ги изложиме нашите души во понизноста и едноставноста, со цел Тој со своето минување и доаѓање во нашиот Ерусалим да нѐ посвети, и така со Него да го градиме ова општество како свет град на Божјата присутност. Благодарни за неговото несебично доаѓање меѓу нас луѓето, дури и по цена да поднесе маки, од срце заедно да му воскликнеме: Осана! Благословен е Оној кој доаѓа во името Господово!
Вера и Дела /З.А.