Царице небесна: „Очекувајте го рајот на земјата“

Царице небесна: „Очекувајте го рајот на земјата“

На молитвата „Царице небесна“ на плоштадот „Свети Петар“, папата Лав XIV рече дека верата „ги ослободува нашите срца од вознемиреноста на поседувањето и постигнувањето“ и ги повика христијаните да „им откријат на сите дека братството и мирот се нашиот повик“.

На молитвата „Царице небесна“ во петтата недела од Велигден, папата Лав XIV рече дека зборовите на Исус добиваат ново значење во светлината на Воскресението, како што се случило и во раната Црква. „Она што некогаш им побегнало на учениците или ги вознемирувало, сега се враќа во нивното сеќавање, им ги стоплува срцата и им дава надеж“, рече Папата.

Размислувајќи за Евангелието за Последната вечера во светлината на Воскресението, папата Лав го истакна Христовото ветување, кое нè воведува во големото таинство на победата над смртта: „Кога ќе отидам и ви приготвам место, пак ќе дојдам, и ќе ве земам вас при Себе за да бидете и вие каде што сум Јас“ (Иван 14,3).

Нова логика на братството

Папата ја спореди логиката на стариот свет, обележан со исклучување и натпреварување, со логиката на Божјото Царство. „Во стариот свет во кој сè уште патуваме, вниманието го привлекуваат ексклузивните места (…). Во новиот свет во кој нè води Воскреснатиот, највредното е достапно за сите.“

Тоа е визија во која секој човек е препознаен во својата единственост: „никој не е помешан со друг, никој не е изгубен“.

„Смртта се заканува да ги избрише името и споменот на човекот, но во Бога секој е целосно свој. Токму тоа го бараме целиот живот, понекогаш подготвени да направиме сè само за да добиеме малку внимание и признание.“

Вера и слобода

Потоа Папата ги повика присутните да веруваат во Христос: „Да не се плаши срцето ваше; верувајте во Бога и во Мене верувајте“ (Иван 14,1).

Таквата вера, објасни тој, „ги ослободува нашите срца од вознемиреноста на поседувањето и постигнувањето, од илузијата дека треба да се стремиме за престижно место за да имаме вредност“. Човечкото достоинство има свој извор во Божјото таинство, кое е единствената вистинска реалност, бидејќи „секоја личност веќе има бесконечна вредност“.

Небото и братската љубов

Светиот Отец нагласи дека христијаните се повикани да „очекуваат рај на земјата и на сите да им откријат дека братството и мирот се нашиот повик“.

Во оваа љубов секој човек го открива својот вистински идентитет: „меѓу мноштво браќа и сестри, секој открива дека е создаден како единствен“.

На крајот, Папата ја довери оваа порака на застапништвото на Дева Марија, молејќи се „секоја христијанска заедница да биде дом отворен за сите и внимателен кон секој човек“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Uncategorized, Ватикан, Вести

За авторот