Во неделата, која е посветена на Исус Добриот Пастир, во пладневното обраќање во недела 21 април 2024 година пред молитвата Царице небесна, папата Фрањо размислуваше за тоа што значи да се даде животот за своите овци. Папата инсистира на фактот дека секој е незаменлив за Христа и дека тоа не е само фраза. Колку пати се откажуваме од сè поради мали нешта, забележа тој, повикувајќи да се ставиме во присуство на Исус и да дозволиме Тој да нè прифати и да нè подигне со Неговите раце полни со љубов. Ви го пренесуваме целосниот превод на обраќањето на Папата
Драги браќа и сестри, ви посакувам убава недела!
Оваа недела е посветена на Исус Добриот Пастир. Во денешното Евангелие (сп. Иван 10,11-18), Исус вели: „Добриот пастир го дава својот живот за овците“ (р. 11) и инсистира на овој аспект, толку многу што го повторува трипати ( р. 11.15.17). Но, во која смисла, се прашувам, пастирот го дава својот живот за овците?
Да се биде пастир, посебно во времето на Христос, не беше само занимање, тоа беше самиот живот: не беше привремена работа, туку есе поминувале цели денови, па дури и ноќи со овците, животот – би сакал да кажам – пастирот е во симбиоза со нив. Исус, всушност, објаснува дека тој не е наемник, кој не се грижи за овците (сп. р. 13), туку оној што ги познава (сп. р. 14): Ги познава своите овци. Токму Тој, Господ, пастирот на сите нас, нè познава, секој од нас, нè нарекува по име и, кога ќе се изгубиме, не бара додека не нѐ најде (сп. Лука 15,4-5). И не само тоа: Исус не е само Добар Пастир кој го поминува животот со своето стадо; Исус е Добриот Пастир, кој го жртвува својот живот за нас и, откако воскресна, ни го даде својот Дух.
Тоа е она што сака Господ да ни го каже со ликот на Добриот Пастир: не само што е водач, Глава на стадото, туку пред се мисли на секој од нас, и мисли како на љубовта на Својот живот. Да размислуваме за тоа: јас сум важен за Христа, Тој мисли на мене, јас сум незаменлив, вредам за бескрајната цена на Неговиот живот. Тоа не е само едноставна фраза: Тој навистина го даде својот живот за мене, умре и воскресна за мене. Зошто? Затоа што ме сака и наоѓа убавина во мене која често не ја гледам.
Браќа и сестри, колкумина денес мислат дека се сиромашни или се сметаат себеси за потполно неуспешни! Колку пати мислиме дека нашата вредност зависи од целите што успеваме да ги постигнеме, од нашиот успех во очите на светот, од судовите на другите! И колку пати на крајот се откажуваат од сѐ поради ситници! Исус ни вели денес дека ние секогаш за Него вредиме многу. За да се пронајдеме повторно, првото нешто што треба да направиме е да се ставиме во негово присуство, да дозволиме да бидеме прифатени и подигнати од рацете на нашиот Добар Пастир полни со љубов.
Браќа, сестри, да се запрашаме: дали знам секој ден да пронајдам време за да ја прифатам сигурноста што му дава вредност на мојот живот? Дали знам да најдам момент на молитва, обожавање, славење, за да бидам во Христовото присуство и да се предадам на неговото милување? Брате, сестро, Добриот Пастир ни вели дека ако го сториш тоа, повторно ќе ја откриеш тајната на животот: ќе се сетиш дека Тој го даде животот за тебе, за мене, за сите нас. И дека сите за Него сме важни, секој од нас.
Богородица нека ни помогне да го најдеме во Исус она што е суштинско за животот.
Ватикан њуз/к.мк