Христовите ученици треба одлучно да го навестуваат Евангелието

Христовите ученици треба одлучно да го навестуваат Евангелието

Христовите ученици треба благо и одлучно да го навестуваат Евангелието без гордост или наметнување – порача папата Фрањо на 8 јануари 2017 година пред молитвата Ангел Господов на плоштадот Свети Петар. Во својот говор се осврна на Крштението Господово и неговото значeње за нас христијаните.

Папата рече дека Исус стоел во редот заедно со другите покајници кои дошле за да се крстат. Иван Крстител го одвраќал Исус со зборовите: „Јас треба од Тебе да бидам крстен“ (Мт 3, 14) затоа што бил свесен за јазот помеѓу човекот и Бог, но Исус доаѓа токму за да го премости тој јаз. Господ бара од Иван да го крсти за да ја исполни секоја правда (ред 3, 15) односно за да го оствари планот на Отецот и да појде по патот на послушноста и солидарноста со кревките и грешни луѓе, по патот на понизноста и близината на Бог до своите деца.

Во моментот кога излегува од водата, одозгора се слуша глас од Бог Отецот: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја!“ (ред 3, 17) Во исто време Светиот Дух како гулаб се спушта на Исус со што го започнува своето јавно делување. Светиот Отец потсети дека станува збор за мисија на понизен и благ слуга „вооружен“ само со силата на вистината. Или како што пророкувал Исаија: „Нема да викне, ниту да го подигне гласот свој, нема да дозволи да го чујат на улиците; скршената трска нема да ја здроби, и ленот што тлее нема да го угасне; ќе суди според вистината“ (Исаија 42, 2-3)

Папата порача дека мисијата на Христовите ученици е да го навестуваат Евангелието нежно и цврсто без гордост или наметнување. Предупреди на опасноста од прозелитизам и рече дека вистинската мисија е да привлекуваат со Христос, а тоа се прави со сведочење, започнувајќи од силното единство со Него во молитвата, поклонување и конкретната љубов, која му служи на Исус во присутниот, во нашите најмали браќа. Наследувајќи Го Исус добриот и милосрден пастир и поттикнати со неговата милост повикани сме од нашиот живот да изградиме радосно сведоштво кое го осветлува патот кое донесува надеж и љубов – рече папата Фрањо.

Овој празник ни помага повторно да го откриеме дарот и убавината на она што значи да се биде народ крстен: грешници сме кои се спасени со Христовата милост, преку Светиот Дух поставени во синовски однос Исус со Отецот, дочекани во крилото на Мајката Црква оспособени за братство кое не познава ниту граници ниту пречки – рече Светиот Отец и потоа ја замоли Дева Марија да ни помогне да ја сочуваме секогаш жива свеста и благодарноста за нашето крштение и верно да го следиме патот кој ни го отвори таа света Тајна за наше повторно раѓање.

По Ангел Господов папата Фрањо се присети на бездомниците кои најмногу трпат заради моменталните ниски температури и повика да се моли за нив. Исто така потсети дека утрото крсти 28 бебиња во Сикстинската капела. Повика на молитва за нив и нивните семејства како и за сите родители кои се подготвуваат да ги крстат или овие денови веќе ги крстиле своите деца. Потоа на нив и на нивните деца го повика Светиот Дух затоа што таа света Тајна толку едноставна, а повторно толку важна се живее со вера и радост. На крајот ги поздрави собраните поклоници и ги повика да се молат за него.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот