Го потврдуваме својот јасен став со повикот да се одржи status quo во Светиот град додека да се постигне мировен договор помеѓу Израелците и Палестинците врз основа на преговорите и меѓународното право – стои во објавената божиќна порака од патријарсите и водачите на Црквите во Ерусалим.
Во текстот на 13 христијански водачи – меѓу кои и надбискупот Пјербатиста Пицабала, апостолски управител на Латинско ерусалимскиот патријархат, и кустосот во Светата Земја фра Франческо Патон – повторуваат дека присуството и сведоштвото на христијаните во Светата Земја се тесно поврзани со светите места и со нивната достапност како места за состаноци и средби за единство меѓу народите со различни вероисповеди. Тие света места му даваат смисла на ова подрачје – велат христијанските водачи.
Секој исклучителен политички пристап – стои понатаму во пораката – ќе го лиши градот од неговата вистинска суштина , како и од неговите одбележја, и притоа гази на механизмот кој со векови го одржувал мирот. Ерусалим е свет дар, табернакул, свето тло за целиот свет – велат христијанските водачи и предупредуваат: Напорите да се запоседне Светиот град Ерусалим или да се ограничи со услови за исклучивост ќе доведе до многу мрачна реалност.
Во ова време додека го очекуваме доаѓањето на Спасителот – стои во пораката – ја пренесуваме Радосната вест на веселба, надеж и мир од Градот на надежта и мирот, Ерусалим! Од година во година се придружуваме на Универзалната Црква во славењето на раѓањето на нашиот Господ и Спасител Исус Христос. Овоплотеното Слово кое стана Тело и понатаму и по две илјади години е извор на радоста, надежта и мирот и покрај страдањата и неволјите на многу народи и заедници во целиот свет.
Продолжуваме да се молиме за целата област на Блискиот Исток и го молиме Кнезот на мирот да ги вдахне срцата и умовите на сите оние на власт да одат по патот на мирот, правдата и помирувањето меѓу народите. Додека го славиме доаѓањето Христово како светлина на светот, нè вдахнува и утешува со зборовите од химната на Захариј: „Ќе нè посети Младо Сонце за да ги просвети оние, што седат во темнина и сенка смртна, и да ги упати нозете наши по патот на мирот – порачаа на крајот христијанските водачи.
РВ/к.мк