Христијани и муслимани во Пакистан се здружија во молитва за мир

Христијани и муслимани во Пакистан се здружија во молитва за мир

Меѓурелигиска средба во Лахор ги собра христијаните и муслиманите за време на Великиот пост и Рамазан, во молитва за прекин на граничното насилство меѓу Пакистан и Авганистан и за обновување на заедничката посветеност на мирот.

Како што тековниот судир и насилството го одбележуваат секојдневието на границата меѓу Авганистан и Пакистан, меѓурелигиска средба во „Центарот за мир“ во Лахор, Пакистан, ги собра претставниците на христијанските и муслиманските заедници во Бадшахи џамијата, кралската џамија на градот, за да се молат за мир.

Отец Асиф Сардар, генерален викар на Архиепископијата Лахор, објасни дека средбата „треба да биде знак на мир и единство, особено во време на војната меѓу Авганистан и Пакистан“.

Заедничка посветеност на мирот

Според ватиканската агенција „Фидес“, генералниот викар го опиша настанот како „сон“, бидејќи можел „да посведочи меѓурелигиска хармонија и мир меѓу двете заедници“. Средбата ги собра муслиманските и христијанските водачи во периодот на Великиот пост и Рамазан и вклучи и ифтар, односно оброкот со кој се прекинува постот.

Отец Сардар истакна дека настанот е посветен на потврдување на духовното заедништво меѓу двете заедници и на „заедничката посветеност на мирот во ова тешко време, обележано од војната што непосредно нè засега“. Ставајќи акцент на постот, молитвата и милосрдието, тој нагласи дека тоа значи да се сподели леб со оние што немаат, и да се промовираат правда, мир и помирување.

За време на средбата, отец Џејмс Чанан, доминиканец и раководител на Центарот за мир во Лахор, заедно со имамот на џамијата Абдул Кабир Азад ја потврдија посветеноста „да се продлабочат корените на односите меѓу христијаните и муслиманите во Пакистан“, „да се живеат заедничките вредности на постот, размислувањето и жртвата, присутни и во Рамазан и во Великиот пост“, и „да се молиме за мир, издигнувајќи ги нашите молитви заедно кон Бог, за стабилност на Пакистан и за прекин на глобалните конфликти“.

Доминиканскиот свештеник повтори дека оваа меѓурелигиска средба е конкретен пример на меѓусебна почит. „Испративме јасна порака: верата може да биде мост на единство, а не ѕид на разделба“, додаде тој.

Јасен апел

Ова не беше единствениот момент на молитва и размислување во последните денови во Пакистан. Католичката заедница организираше и процесија со свеќи и молитвено бдение за мир на границата меѓу Пакистан и Авганистан. Монаси, парохјани од црквата „Свети Пио од Пјетрелчина“ и други членови на заедницата молеа Крстен пат.

Отец Каисар Фероз, OFM Cap., извршен секретар на Комисијата за социјални комуникации при Католичката бискупска конференција на Пакистан, и сестра Азмат, настојателка на Кармелитските апостолски сестри, го предводеа обредот.

Отец Фероз нагласи дека пораката е јасна: тие го осудуваат насилството меѓу двете земји и продолжуваат да се залагаат за прекин на огнот преку дијалог. Тој додаде дека е потребна заедничка посветеност на верниците за да се запре насилството и да се преобрати неговата разорна сила.

Покрај тоа, тој ја потсети меѓународната заедница на одговорноста да помогне да се прекине конфликтот и да се воспостави мир, со молба „мирот да биде заедничка цел и интерес на целото човештво“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот