Христијаните се дискриминираат во име на толеранцијата

Христијанството може да се сведе на видливо малцинство, но никогаш не може да се избрише – истакна кардинал Анџело Бањаско во текот на светата Литургија која на 10 август 2016 година ја служеше за празникот на свети Лаврентиј.

Претседателот на Италијанската епископска конференција го осуди културолошкото едноумие истиот ден кога папата Фрањо во твит пораката напиша: „Општеството со различни култури треба да расте во заедништво и почитување.“

Ѓаконот свети Лаврентиј е убиен на 10 август 258 година на заповед од римскиот цар Валеријан кој се обидел да го зацврсти единството на царството на рз основите на поганска религија. Христијаните премногу се разликувале од другите, ја загрозувале идеологијата на државата и затоа се елиминирале – објасни кардинал Бањаско, осврнувајќи се потоа на актуелните прогонства на христијаните. Додека се продолжува со оние класичните кои ги познаваме од историјата за кои мислиме дека се далеку од нас – рече кардиналот – денес на нив им се придружија софистицирани облици на прогонство, но со тоа ништо помалку сурови; озаконети, но со тоа ништо помалку неправедни.

Нашиот стар запад – продолжи кардинал Бањаско – стручњак е во тоа – болен каков што е од сопствените неуспешни идеологии. „Континентот на правата сѐ повеќе го дискриминира христијанството“ меѓутоа „ниту еден земски владетел не може засекогаш да го поседува човечкото срце пропагирајќи лаги, неискрени ветувања и привидна демократија.“

Денес – рече кардинал Бањаско – „во име на вредностите како еднаквоста, толеранцијата и правата се прави обид да се маргинализира христијанството и сака да се создаде светски поредок без Бог, во кој различностите од една страна се слават, а од друга се уништуваат.“ Покрај тоа предупреди на систематското и едноумното обликување на животниот светоглед и културниот идентитет. Тоа не е „пат на почитување според Европската Унија која е складна и солидарна“ туку „штетно ново основање на континентот“ во кој христијанството се смета за „разурнувачко“ затоа што не се поклонува на царевите на сегашноста.

Меѓутоа историјата сведочи дека кога владетелите се фокусираат на личните амбиции и се откажуваат од барањето на општото добро настапува период на декаденција – рече италијанскиот кардинал напоменувајќи дека светската криза е „пред сè духовна криза.“ „Нашиот континент се мачи пред денешните кризи затоа што се отцепи од своите културни и верски корени до таа мерка што се срами од сопствените традиции, симболи и обреди.“

Зборувајќи за свети Лаврентиј кардинал Бањаско потсети дека „маченикот не е оној кој ќе го загуби животот обидувајќи се да му го одземат другите, туку оној кој го дава својот живот за да го имаат другите.“ Човечкиот живот затоа е свет затоа што доаѓа од Бог – заклучи кардиналот – затоа секогаш треба да се почитува и никој не смее да го одземе самиот на себе или на другите.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот