Генералниот секретар на Синодата, кардинал Марио Греч, именува седум членови во Комисијата за подготовка на Генералното собрание на Епископската синода, која ќе се одржи во октомври 2023 година.
Генералниот секретар на Синодата, кардинал Марио Греч, формираше Комисијата за подготовка на Генералното собрание на Епископската синода, именувајќи седум членови, меѓу кои и една сестра.
Тоа е мерцедаријанската сестра Шизуе Фило Хирота од Токио, Јапонија, советничка во Католичкиот совет за правда и мир на Католичката бискупска конференција на Јапонија.
Комисијата за подготовка на Генералното собрание на Епископската синода е формирана во согласност со одредбите на Апостолската конституција Episcopalis Communio, за организација на Синодата.
Членови
Други членови на Комисијата се: Исусовецот отец Џакомо Коста, кој ќе биде координатор; надбискупот Тимотеј Џон Костело од Перт, претседател на Австралиската бискупска конференција; бискупот Даниел Е. Флорес од Браунсвил, Тексас; бискупот Лусио А. Муандула од Ксаи-Ксаи, Мозамбик; отец Дарио Витали, професор по теологија на Папскиот Грегоријански универзитет во Рим и полскиот монсињор Томаш Трафни, член на персоналот на Секретаријатот на Синодата, кој ќе ја извршува функцијата секретар на Комисијата.
Во работата на Комисијата ќе учествува и главниот известувач на Синодата, кардиналот Жан-Клод Холерих од Луксембург.
Светска маријанска молитва
Секретаријатот на Синодата исто така предложи во среда, на 31 мај 2023 година, на литургискиот споменден Посета на Пресвета Богородица, да се одржи светска Маријанска молитва, како подготовка за XVI Епископска синода.
Целта, се објаснува во белешката, е да се приближи на Божјиот народ важноста на Синодалниот процес и да се поттикнат верниците да го придружуваат со молитва и да го стават целиот синодален процес во Католичката црква под посебна заштита на Богородица, посебно работата на Генералното Собрание.
Момент на интензивна молитва
Кардиналот Греч испрати покана до поглаварите на Источните цркви и до претседателите на бискупските конференции да одржат момент на интензивна молитва што ќе ја изрази убавината на народната побожност околу маријанските светилишта.
Светилиштата ќе бидат избрани од поединечните бискупски конференции во секоја земја. Молитвата треба да вклучува учество на различни црковни звања (лаици, свештеници, лица со посветен живот).
Се повикуваат и поединечни парохиски заедници во договор со нивниот епархискиот епископ тој ден да одржат момент на молитва за работата на Синодата.
Ватикан њуз/к.мк