Уште три сириски семејства во моментот се примени во три стана во сопственост на Ватикан, кои што повеќе од една година се ставени на располагање за сместување на луѓе кои бегаат од војната.
Уште три сириски семејства во моментот се примени во три стана во сопственост на Ватикан, кои што повеќе од една година се ставени на располагање за сместување на луѓе кои бегаат од војната, а кои во Италија пристигнале благодарение на хуманитарните коридори кои ги организира заедницата Свети Егидиј, Сојузот на Евангелските Цркви во Италија и Тавлоа Валдесе, односно тело кое ги преставува методистичките и валдешките Цркви. Веста ја објави Апостолската милостилница. Станува збор за 13 луѓе од две семејства со христијанска вера и едно муслиманско.
Во спомнатите станови веќе порано биле сместени други семејства кои ги напуштиле откако им е пружена помош да пронајдат средства и да станат независни. Двете семејства кои заради својата христијанска вера во Сирија биле подложени на дискриминација, па и киднапирање пристигнаа во Италија во март. Едното семејство – како што е објаснето во соопштението – го сочинуваат мајка со две деца адолесценти, баба, тетка и една жена која живее со нив.
Другото семејство е млад брачен пар на кој пред две недели им се родило прво дете, девојче, на кои ѝ го дале името Стела, и која е родена токму во станот во кој се сместени. Мајката конечно може да ужива во мир откако со месеци била во заробеништво на ИСИС. Третото семејство дошло во Италија во февруари минатата година, успешно вклучено во процесот на интеграција. Децата уредно посетуваат училиште – истакнато е во соопштението – додека мајката запишала студии за меѓукултурен посредник, и веќе започнала да стажира со цел вклучување во работата.
Тоа е конкретен одговор на поттикот на папата Фрањо кој го упати по молитвата Ангел Господов на 6 септември 2015 година, секоја парохија, верска заедница, манастир и светилиште да прими по едно семејство. До сега така, преку хуманитарните коридори, во Рим се прифатени 70 семејства, односно 145 луѓе. Освен загарантираното соодветно прифаќање во парохиите, заедниците и здруженијата, волонтерите ги следат сириските семејства на патот кон целосната интеграција, започнувајќи од учењето на италијанскиот јазик.
Светиот Престол финансиски помага и 21 лице кои со папата Фрањо пристигнаа од островот Лезбос во април минатата година, сместувањето им е овозможено во приватни и монашки згради.
РВ/к.мк