Кардинал Луис Паскуал Дри, капуцински фратар познат по својата неуморна служба во исповедалницата и по тоа што беше духовен пример за папата Фрањо, почина на 30 јуни во Буенос Аирес, на 98-годишна возраст. Неговиот погреб ќе се одржи во среда, на 2 јули, во светилиштето на Пресвета Богородица од Помпеја, каде што живееше од 2007 година.
„Тој беше голем човек“, рече еднаш папата Фрањо за Дри, кого го именува за кардинал на Конзисториумот во 2023 година. Аргентинскиот Папа често го посочуваше како пример за милосрдие, потсетувајќи се на неговите зборови по долги часови поминати исповедајќи: „Господи, прости ми што премногу простував. Но, Ти ми даде лош пример!“
Роден во Федерасион, Аргентина, на 17 април 1927 година, и член на капуцинскиот ред од 1945 година, кардиналот Дри потекнува од многу религиозно семејство — осум од девет браќа и сестри се нсо посветен живот. Својата служба ја вршел како мисионер и духовен водач, вдахновен од примерите на свети Падре Пио и свети Леополд Мандиќ.
Иако поради здравствени причини не можеше да присуствува на Конзисториумот во Рим во 2023 година, кардиналското зукето и прстенот ги прими во Буенос Аирес. Беше именуван за кардинал-ѓакон на црквата Сант’Анџело ин Пешерија. Зборувајќи за ватиканските медиуми, тој го опиша своето назначување не како награда, туку како „гест на нежност“ од Папата.
Дури и по добивањето на кардиналската титула, кардиналот Дри го продолжи својот секојдневен ритам на исповед и молитва. „Јас сум грешник исто како и оние што доаѓаат кај мене“, велеше често, нагласувајќи дека милосрдието извира од понизност и од часови поминати пред Пресветата Олтарска Тајна.
Папата Фрањо повеќепати го споменуваше Дри, меѓу другото и во својата книга „Името Божјо е милосрдие“ (2014), како и во обраќањата до свештеници и исповедници. Во 2017 година, на римските свештеници им подари биографија на фратарот со наслов „Не плашете се да простите“, посочувајќи го неговиот пример на пастирска сочувствителност.
Размислувајќи за својот живот, кардиналот Дри еднаш изјави: „Немам дипломи, немам титули. Но, животот ме научи на многу. И бидејќи сум роден во сиромаштија, чувствувам дека сум повикан секогаш да понудам збор на милост, помош и близина. Никој не смее да си замине со чувство дека не бил разбран или добредојден.“
Ватикан њуз/к.мк