Кој не знае да разговара со човекот, тешко дека ќе знае со Бог.
Во морето пристигнати емаил пораки кои секојдневно ги читам на екранот на мојот компјутер, една порака ми го задржа вниманието, затоа ќе ви ја раскажам во целост…
Те чекам надвор…
Гледам, одиш во црква. Не знам што ќе правиш во неа, иако мислам дека ќе се помолиш. Не ме интересира дали ќе застанеш, пред олтарот или таму кај вратата, дали ќе се молиш седејќи или клечејќи, главата наведната и очите затворени… или ќе гледаш во сликата на олтарот, удирајќи се во гради, со движење на усните, шепотејќи ќе ги кажеш молитвите и ќе ги собираш зрнцата меѓу прстите на Светата Бројаница. Тие сите се надворешни и ниту малку комплицирани постапки со кои не е тешко да се измами човек.
Те чекам надвор…
Кога ќе излезеш од црквата и ќе се вратиш меѓу луѓето, подготви се за средба со мене. Тогаш јас внимателно ќе те следам, гледам, ќе ти судам, а можеби и ќе те осудам. Имам право да го направам тоа. Имено, сакам да дознам дали навистина во црквата разговараше со Бога, или само се подиграваше? Сакам да се уверам дали молитвата те прави поразличен, подобар човек? Сакам да се уверам токму на тебе, христијанине, како пример. Ако се уверам дека си арогантен, алчен, себичен, што сака да се кара, да навредува, завидлив, зборлест, површен… знам дека молитвата не вреди. И ако се уверам дека со семејството, на работа, во училиштето, во маркет, во автобус не знаеш да разговараш со луѓето, ќе знам дека ниту со Бог не знаеш да разговараш. Ако постојано некој те теши или те фали, тогаш ќе знам дека не одиш во црква за да го славиш Бога, туку да се славиш самиот себеси.
Но, ако твоите очи бидат отворени за неволјата на ближниот, ако твоите усни ќе изговараат зборови на мир, радост, доверба, и утеха, ако твојата рака ќе ги подигне немоќните, ако твоето срце ќе има разбирање за другите и ако простуваш и љубиш, ќе знам дека во црквата навистина си разговарал со Бог.
Те чекам надвор…
Всушност во време на (…) оваа порака ме потсетува колку се неважни надворешните и површните одлуки и жртви. Многу често постот го разбирам како да ги поврзам, како што велат, удобното со корисното. Ќе се посеам со пепел, ќе се одречам од некои работи за кои и онака мислам дека не треба да бидат дел од мојот живот, а добро ќе ми дојде и заради здравјето, килограмите, убавината. Сепак привремено сум свесна колку е тоа всушност неважно и површно, сепак оние важни работи остануваат длабоко закопани во мене. Затоа оваа порака набрзина ми светна во мојот компјутер како молња, ме потсети на сите оние работи кои мораме секојдневно да ги преиспитуваме во себе.
Колку би било добро кога многумина од нас би одлучиле да бидат потолерантни, посмирени, во односите со своите најближни. Колку би било убаво кога нервозата во сообраќајот би ја замениле во насмевка и разбирање за останатите возачи на патот. Колку би било убаво кога родителите би се одлучиле да ги прегрнуваат и љубат своите деца, без оглед на возраста, оценките, задоцнувањето и истурениот сок на каучот. Колку би било убаво кога нервозата и стресот на работа би ги замениле со создавање на тишина и радост. Колку би било убаво да се оди во црква и навистина да се поразговара со Господа Тогаш секој ден кој следува би бил потполно полн со радост и веселба без запирање.
Те чекам надвор…
Веритас/к.мк/Тања Стојанова
Фото: Simone El во: Pfarrbriefservice.de