По молитвата Ангел Господов во недела 22 јануари 2023 година, Папата ја изрази својата близина со Мјанмар, но и со Перу погоден од насилство и поттикна на патот на дијалог. Во срцето на Папата се и знаците за мир во Камерун и настраданата Украина. Светиот Отец ја честита и Лунарната Нова година и во Неделата на Словото Божјо им препорача на верниците секогаш да имаат со себе мало Евангелие.
Папата е тажен поради настаните во Мјанмар. Пред неколку дена, имено, беше опожарена Католичката црква Вознесение на Богородица во селото Чан Тар, во едно од најстарите и најважни богослужбени места во земјата. Воедно ги охрабри верниците присутни на плоштадот Свети Петар заедно да се помолат Радувај се Маријо за оние кои долго време се изложени на насилство.
Близок сум со беспомошното цивилно население, кое е изложено на тешки искушенија во многу градови. Го молиме Бога овој конфликт наскоро да заврши и да започне ново време на прошка, љубов и мир. Да се помолиме заедно на Богородица за Мјанмар.
„Не“ за насилството во Перу
Дијалогот како начин за решавање на конфликтите во Перу. Тоа го посака Папата, апелирајќи до епископите од таа земја, кои повторно го истакнаа своето „не“ на насилството.
Насилството ја гаси надежта и праведното решение на проблемите. Ги охрабрувам сите вклучени страни да започнат дијалог со браќата од ист народ, со целосно почитување на човековите права и владеењето на правото. Им се придружувам на перуанските бискупи кои велат: Не на насилството, од каде и да доаѓа! Да нема повеќе смрт!
Немирите, кои однесоа околу 60 животи, продолжуваат. Во Лима, повеќе од 200 студенти беа уапсени за време на иселувањето на кампусот на Универзитетот Сан Маркос. Протестите започнаа во декември по соборувањето на поранешниот претседател Кастиљо, кој сега е во затвор. Демонстрантите бараат оставка од актуелниот шеф на државата Болуарте и нови избори.
Знаци за мир во Камерун
Папата Фрањо се осврна и на напредокот што се постигнува во Камерун. Има „позитивни знаци“ кои даваат надеж за напредок во решавањето на конфликтите во англофонските области.
Ги поттикнувам сите страни во Договорот да истраат на патот на дијалог и меѓусебното разбирање, бидејќи иднината може да се планира само на средба.
Мисли за напатената Украина
Речиси една година од почетокот на конфликтот во Украина, папата Фрањо не престанува да повикува за мир во таа земја. Овие денови, додека посебно се молиме за целосно единство на сите христијани, да не заборавиме, ве молам, да повикаме на мир за напатената Украина; Господ нека го утеши и поддржи тој народ, кој многу страда! Многу страда!
Честитки за Лунарната Нова Година
На крајот, Папата повика на мир и се најдобро за сите кои ја слават лунарната нова година на Далечниот Исток и во различни делови на светот, што е можност семејствата да бидат заедно во солидарност и хармонија, израз на мирен и среќен живот. Меѓутоа, во срцето не ги заборава оние кои живеат во проблеми.
Во оваа радосна прилика, сепак, не можам, а да не ја искажам мојата духовна близина со сите кои минуваат низ моменти на искушенија предизвикани од пандемијата од коронавирусот, со надеж дека сегашните тешкотии наскоро ќе бидат надминати.
Во неделата на Словото Божјо, папата Фрањо уште еднаш ги поттикна верниците да носат со себе мало Евангелие бидејќи – како што рече – таму ни зборува Исус, нè просветлува и нè води.
Да го откриеме повторно со восхит фактот дека Бог ни зборува, посебно преку Светото Писмо. Да го читаме, да го проучуваме, да размислуваме за него, да молиме. Секој ден да читаме по еден дел од Библијата, посебно од Евангелието.
Ватикан њуз/к.мк