Судот го одби барањето на атеистите: Крстот пронајден на местото на терористичкиот напад во Њујорк останува во националниот музеј
Станува збор за крст кој е пронајден во урнатините на Светскиот трговски центар кој потоа е поставен на Граунд Зиро
Американскиот федерален суд завчера го одби барањето на атеистичко здружение кое барало крстот пронајден на Граунд Зиро, местото на терористичкиот напад на Њујорк 2001, да биде исфрлен од Музејот на национално сеќавање на 11 септември. Здруженијата за верска слобода ја поздравиле таа одлука која, како што објавија, ја потврдила важноста која тој крст ја има за Американците во времето после нападот на терористите врз нив.
Да потсетиме, крстот висок скоро шест метри е пронајден откако пожарникарите ги прекопувале урнатините на зградите на Светскиот трговски центар после нападот. Станува збор, всушност, за метална конструкција која останала после рушењето на една од зградите. Откако го пронашле, крстот е поставен на Граунд Зиро и стана место за молитва и собирање за пожарникарите и другите работници кои ги расчистуваа урнатините, меѓутоа и за сите жители на Њујорк. На местото на СТЦ бил сѐ до 2011, а потоа е префрлен во блискиот Музеј на национално сеќавање. Во јули 2011 здружението на Американски атеисти поднело барање пред судот во кое се бара крстот да се тргне од музејот бидејќи како верски симбол „ги навредува сите оние кои не се верници“.
Нивното барање прво го одбил окружниот, а сега и федералниот суд. Во својата пресуда федералниот суд образложи како крстот во музејот „зборува за тоа како некои луѓе благодарејќи на својата вера успеале да се справат со трагедијата која ги погодила“, па така крстот во таа смисла има значење кое треба да им биде јасно и на атеистите, па не треба да ги навредува.
Оваа пресуда ја поздравија верските и правни здруженија, меѓу нив и Американскиот центар за правда и закон, од кој е порачано дека одлуката „претставува победа за оние кои сметаат дека изложувањето на верски предмети кои имаат историско или уметничко значење не претставува повреда на правата на лицата кои не се верници“.
Битно.нет / С.С.