На 29 декември 2020 година во „Клубот на пратениците“ во Скопје се одржа работна средба со поглаварите на црквите и верските заедници споменати во Уставот, на која присуствуваа Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) г-дин Даријан Сотировски, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, Реисул Улема на ИВЗ х. хфз. Шаќир еф. Фетаи, Бискупот скопски и струмичко-скопски епарх монсињор Киро Стојанов и суперинтендентот на ЕМЦ г-дин Марјан Димов. Поради објективни причини отсуствуваше претседателот на ЕЗРМ г-ѓа Берта Романо Николиќ.
Со оглед на периодот кој ни претстои верските лидери едногласно апелираат до граѓаните да се придржуваат до сите пропишани мерки за заштита од коронавирусот пропишани од здравствените власти, да не го губат трпението, затоа што во пресрет на имунизацијата одговорноста за контролата над вирусот кај секој од нас е највисока. Да празнуваме одговорно, да бидеме во кругот на семејството и да избегнуваме собири, освен кога е неопходно, но со доследно почитување на обврската за одржување дистанца и носење на заштитна маска.
На средбата присутните ги разгледаа резултатите од истражувањето изработено од Комисијата за односи со верските заедници на јавното мислење кај младата популација и разменија мислења по однос на истото. Верските лидери се согласни во следниот период да се формира група на пријателство помеѓу младите идни верски службеници, свештеници и имами со цел воспоставување на средина за нивно навремено запознавање и соработка, што е особено значајно за нашето мултиконфесионално општество.
Верските лидери на средбата разменија мислења по однос на реформите во основното образование и едногласно бараат од надлежното ресорно Министерство за образование вклученост на црквите и верските заедници во јавната дискусија по предлог измените во законот со цел зачувување и унапредување на наставниот предмет етика во религиите и заштита на правата на наставниците кои го предаваат, но и овозможување на децата настава по курцијалните научни дисциплини со избегнување на решенија кои согласно нашите општествени вредности не би биле соодветни.
Верските лидери разменија мислење и во однос на предлог Законот за заштита и спречување на насилство врз жената и предлог Законот за даноците на имотот, за кои со цел подобрување на законската регулација конструктивно ќе придонесат со предлози до надлежните предлагачи.
Извор: КОВЗРГ