Според Обединетите нации, сурогат-мајчинството е насилство

Според Обединетите нации, сурогат-мајчинството е насилство

Обединетите нации, преку својот специјален известувач за насилство врз жените, Рим Алсалем, го дефинираа сурогат-мајчинството – и комерцијалното и таканареченото „алтруистичко“ – како форма на насилство. Во извештајот, презентиран пред Генералното собрание и за кој се очекува да се расправа на 10 октомври, се нагласува дека сурогат-мајчинството ги продлабочува општествените нееднаквости, ја експлоатира сиромаштијата на жените и им нанесува штета на децата.

Според ОН, најголем дел од сурогат-мајките потекнуваат од сиромашни или мигрантски средини, додека нарачателите обично се богати. Слична дискриминација се забележува и при донирањето јајце-клетки, со значителни економски разлики меѓу жените од западните и незападните земји. Децата родени преку сурогатство се лишени од доење, веднаш се одделуваат од својата биолошка мајка и се поранливи на предвремено породување и ниска родилна тежина.

Во извештајот се укажува дека сурогат-мајките се сведени на „човечки инкубатори“, често подложени на непотребни царски резови, сегрегација и ограничување на слободата. Во одредени случаи, оваа практика води до ситуации споредливи со ропство или продажба на новороденчиња – што е нелегално дури и во државите кои дозволуваат сурогатство. Алсалем нагласува дека согласноста на жената не е доволна кршењето на човековите права да се смета за етички оправдано.

ОН препорачува државите да го забранат сурогат-мајчинството, следејќи го „северниот модел“ кој веќе се применува во областа на проституцијата: сузбивање на побарувачката и посредниците, забрана на рекламирањето, подигање на јавната свест и непризнавање на договорите склучени во странство. Италија, каде владата на Џорџа Мелони воведе рестриктивен закон, се наведува како позитивен пример.

Сепак, извештајот не остана без критики. Австралиската консултантка Сара Џефорд, на пример, ги обвини ОН дека ја негираат репродуктивната автономија на жените. И покрај тоа, документот претставува јасна осуда на сурогат-мајчинството и е предодреден да има силно влијание врз меѓународната дебата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Свет

За авторот