Со Католици.мк на Божиќна духовна обнова: Пастирите
Мудреците го бараат долго време Богомладенецот, се распрашуваат наоколу… Ангелите пак им ја соопштуваат на пастирите директно Радосната вест. Тие доаѓаат да им соопштат.
Бог ја сокри оваа тајна од мудрите и разумните, а ја откри на простите (Лука 10,21). Некој има потреба да го бара Бог, на некој по Божјата милост и љубов му се објавува, дава знаци.
Но за сето тоа е потребно човекот да е во тишина, собраност, надвор од градските вреви, ослободени од активизмот и обврските, да не сме заробени од градските ѕидините, удобните палати и раскошни забави, ненаврзани на земското, туку како и пастирите под отвореното небо да бидеме слободни за Господ. Во тишината може да се слушне и наслушнува како Бог ни зборува. Слично е и со мудреците пред да влезат во Ерусалим ја следат ѕвездата, одат по неа, но штом влегуваат во градот таа веднаш се губи од нивниот поглед. Излегувајќи од Ерусалим повторно ја видоа (Матеј 2,1.10).
Ако сакаме во овие денови и ние да ја слушнеме ангелската песна Слава на Бог во висините и на земјата мир меѓу луѓето со добра волја, ликовите на пастирите нѐ повикуваат и ние како пастирите да се упатиме кон Витлеем да му се поклониме на Богомладенецот. А зарем денес, за нас кои живееме во новозаветно време, Витлеем не е нашата Црква, поточно Светата Дарохранителница. Таму можеме да го сретнеме Младенецот повиен како лежи во јасли. Витлеем (Бет лехем) во превод значи куќа на лебот, а дарохранителницата куќата на живиот леб кој слезе од небото (сп. Иван 6,41). Таму во тишина, внатрешна собраност и молитва Бог ќе се објави, ќе проговори преку Словото, таму ќе се сретнеш во Причеста, со Оној кој може и кој сака да ги промени нашите животи.
Срцата се тврди, преобраќањето е тешко. Но да не му дозоволиме на Христос само да помине, а да не се сретнеме со Него. А дали сме се сретнале со Христос ќе знаеме единствено по тоа дали сме успеале да ги обновиме нашите животи и сме се упатиле на далечен и непознат пат, пат кон светоста.
Можеби некој и ќе каже дека ова не се однесува за мене, туку за некој друг. Но сепак, можеби и за мене. Бог користи разни начини за да допре до срцата на луѓето. Па и оваа духовна обнова нека биде сфатена со таа намера.
к.мк/Пишува: о. Гоце Костов