Папата Фрањо е длабоко потресен од веста за дваата самоубиствени напади во Багдад на 21 јануари 2021 година, во кои загинаа повеќе од 30 лица, а 110 се повредени.
Папата Фрањо планира да го посети Ирак во март доколку дозволат безбедносните и епидемиолошките услови.
Во најкрвавиот напад во последните три години, двајца бомбаши самоубијци се разнесоа среде преполниот пазар на плоштадот Тајаран во центарот на градот Багдад. Додека луѓето се обидуваа да им помогнат на повредените во првиот самоубиствен напад, следуваше втора експлозија.
Папата Фрањо е длабоко потресен од нападот и го осудува бесмислениот чин на насилство и се моли за сите загинати, ранети и нивните семејства и за сите оние кои им помагаат – стои во телеграмата со сочувство, која кардинал Пиетро Паролин ја испрати во Багдад во име на Папата. Светиот Отец се надева дека атентатите нема да ја забават заложбата за прекин на насилството и порачува дека сега се потребни братство, солидарност и мир – се истакнува во пораката во која Папата повикува Божји благослов за Ирак и неговиот народ.
Во 2018 година на тој пазар беа убиени 31 лице. И тогаш се водела расправа во Ирак за парламентарните избори; годинава беа одложени за јуни, а сега веќе се расправа за во октомври. Во порака на Твитер, претседателот Бархем Салех го осуди нападот како „злонамерен обид за дестабилизација на земјата“.
Иако сè уште никој не ја презеде одговорноста за атентатите, набљудувачите сметаат дека се дело на терористите од Исламска држава.
Ватикан њуз/к.мк