Во телеграмата потпишана од кардиналот Паролин, папата Лав XIV ја изразува својата близина до повредените во пожарот што се случи на новогодишната ноќ во Швајцарија и се моли за жртвите и семејствата што ги оплакуваат своите најблиски.
Папата Лав XIV во петок, 2 јануари 2026 година, испрати телеграма со сочувство откако дозна за трагичниот пожар што избувна ноќта на 1 јануари во ресторан во ски-центарот Кран-Монтана во Швајцарија. Во пожарот загинаа повеќе од 40 лица, а многу други беа повредени. Телеграмата ја потпиша државниот секретар кардинал Пјетро Паролин и е упатена до бискупот на бискупијата Сион, монсињор Жан-Мари Лави.
Папата се моли за жртвите и нивните семејства
Светиот Отец ја изразува својата тага и блискост со семејствата на жртвите и се моли на Бога да ги прими оние кои ги загубиле своите животи во неговиот дом на мирот и светлината и да ги охрабри оние кои страдаат во душата и телото. Римскиот епископ, исто така, ја моли Мајката Божја со нејзината нежност да им донесе утеха во верата на сите погодени од оваа трагедија и да ги одржи во надеж.
Петдневна жалост во Швајцарија
Швајцарските власти прогласија петдневна жалост. Многу од лицата примени во болница сè уште не се идентификувани. Пред барот „Le Constellation“, популарно место за собирање млади каде што избувна пожарот, се повеќе луѓе се собираат за да изразат сочувство со цвеќе и пораки, додека во конгресниот центар во Кран-Монтана, членовите на семејствата и пријателите на загинатите и повредените доаѓаат за да добијат повеќе информации за своите најблиски или за психолошка помош. Во соопштението, Бискупијата Сион ја изразува својата блискост со повредените во ужасната трагедија, како и со семејствата на загинатите, но и својата поддршка и благодарност до сите оние кои беа вклучени на различни начини во помагање на жртвите, без разлика дали на терен или во мобилни болници, а особено на медицинскиот персонал, безбедносните сили и граѓанските и судските власти.
Ватикан њуз/к.мк

