Претставниците на континентите, заедно со Генералниот секретаријат на Епископската синода, разговараа за подготовката на втората етапа од синодалниот процес 2021-2024 година, презентирајќи ги своите извештаи на папата Фрањо.
На 28 и 29 ноември 2022 година, Ватикан беше домаќин на состанокот на претседавачите и координаторите на континенталните собранија што ќе се одржи следната пролет како дел од синодалниот процес во Католичката црква, посветен на тема: „За синодалната црква: заедништво, учество и послание“.
Ќе потсетиме дека според новата методологија, XVI Редовно собрание на Епископската синода се одвива во три фази. Од октомври минатата година до август оваа година траеше бискупската етапа која вклучуваше слушање на Божјиот народ во бискупиите, како и во различни заедници. Врз основа на резултатите од оваа етапа изготвен е работен документ за континенталната етапа. Претставници на регионалните бискупски тела ќе се соберат на соодветните собранија напролет следната година. Плодовите на нивниот труд ќе ја дадат основата на работниот документ за третата фаза – синодалните состаноци во Ватикан, кои ќе се одржат во октомври 2023 и октомври 2024 година.
Водачите и координаторите на континенталните собранија се собраа во Рим за да се подготват заедно за процесот од втората фаза од синодалниот процес. Средбата се одржа во просториите на Генералниот секретаријат на Епископската синода. Претставниците на секој континент истакнаа посебни моменти од синодалниот процес во нивните региони, особено неговата втора фаза, која беше започната на крајот на октомври. Беа дадени информации за лицата директно вклучени во оваа фаза, за датумите и учесниците, а беа истакнати и целта и методологијата на континенталните собранија.
Во понеделник, 28 ноември, учесниците на средбата беа примени од папата Фрањо. По поздравниот говор на кардиналот Жан-Клод Олерих, надбискуп од Луксебург и претседавач на XVI Редовното собрание на Епископската синода, претставниците на континентите му ги презентираа на Светиот Отец напредокот и плодовите на синодалниот процес во нивните региони, по што започна дискусија. Средбата која се одвиваше во атмосфера на големо братство траеше два часа.
Ватикан њуз/к.мк