Скопје, 19 март 2020 година
До Свештенството, монаштвото и верниот Божји народ при Скопска бискупија и Епархијата „Струмичко-Скопска Успение на Пресвета Богородица“
Заради сериозноста на КОВИД 19 – коронавирусот кој вртоглаво се шири во светот и Европа не одминувајќи ја ниту Македонија во која бројот на заболени од ден на ден расте и затоа е оправдано преземањето рестрективни мерки.
Католичката црква во Македонија на 12 март 2020 година испрати упатство на мерки за претпазливост до своите верници, а при тоа придржувајќи се на препораките донесени од надлежните државни институции – Министерството за здравство и Влaдата на Македонија.
Сепак, вирусот и натаму немилосрдно продолжува да се шири. Од таа причина принудени сме, водејќи грижа за здравјето и животите, како и за доброто на секој верник и граѓанин на оваа наше Општество, да донесеме одлука во наредниот период Светите Литургии да се служат без народ.
Како дијацезански бискуп (CIC c. 87,§1 CCEO c.1538) ги ослободувам верниците од должноста „одење на неделна и празнична света Литургија“ и ги поттикнувам и замолувам овој период да го искористат и заменат со пост, семејна молитва, читање на Светото Писмо и толкувањето на Божјото слово, а светата Литургија да се следи преку средствата за комуникации. Меѓутоа, напоменувам дека следењето на светата Литургија преку медиумите не е исто како и физичкото присуство на самата Литургија. Но ова е само во овој период додека трае оваа вирусна криза – пандемија.
Ги препорачувам Радио Марија во Струмичкиот регион на фрекфенцијата 106,5 и на веб страницата: www.radiomarija.mk, преку порталот: Kатолици.мк (www.katolici.mk).
Црквите ќе бидат отворени само за индивидуална посета и приватна молитва.
На неодредено време се одложуваат сите крштевки и венчавки;
Воедно нема да се одржат: Крстниот пат на Водно; Крстниот пат на Цареви кули; Крстниот пат по улиците на Радово и сите други верски активности каде има собир на повеќе лица;
Болесничко помазание или св. Елеопомазание на болни нека се дели само на оние кои се на смртна постела, а свештениците за време на делењето на Елеопомазанието, на заболени од Коронавирус, нека користат заштитна облека пропишана од страна на медицинскиот персонал.
Погребните обреди се вршат на самото гробно место, придржувајќи се на дадените упатства од надлежните државни власти, посебно за држење на меѓусебно растојание;
Ординаријатот и парохиските уреди за потребите на верниците остануваат достапни преку е-маил и телефон.
Овие мерки на претпазливост стапуваат на сила веднаш и остануваат се до нивно отповикување.
Ве повикувам почитувани свештеници, чесни сестри, драги верници во вашите молитви да ги вклучите починатите и болните од коронавирусот, лекарите, медицинскиот персонал, медицинските истражувачи, вработените во аптеките и маркетите, возачите кои вршат дистрибуција на неопходните средства за живот, војската, полицијата, волонтерите, како и сите оние кои директно или индиректно се вклучени во помагањето и справувањето со оваа здравствена криза.
Сите вас и целата наша татковина Македонија ја доверувам под застапништво на Блажена Дева Марија Утешителка, молејќи го Господа Бога од оваа кризна ситуација да излеземе зацврстени во верата и нашето заедништвото.
Блажена Дева Маријо, Здравје на болните, моли се за нас! Света Мајка Терезо, моли се за нас! Св. Јосифе, чувару на Црквата и семејствата, моли се за нас!
Поделувајќи ви Божји благослов, сите вас искрено во Господа ве поздрвувам.
Ваш бискуп/епископ
+ Киро Стојанов
п.с. Во овој период ве повикувам да ја молиме молитвата:
Господи Исусе Христе, Те молиме за сите оние кои се заболени од корона вирусот, како и за медицинските лица кои несебично се грижат за нив, a Те молиме и за сите останати болни. Господи Те молиме посебно за оние кои имаат страв од заразата. Заштити нè и ослободи нè од секакво зло.
Те молиме Господи и преку Твојата Пресвета Мајка, нека го рашири својот покров над цела Македонија и светот и нека нè запази од секакво зло.
Радувај се Маријо… (3х)
Пресвета Богородице, моли се за нас.