СООПШТЕНИЕ ДО ЈАВНОСТА: КРАЖБА ВО КАТОЛИЧКАТА ЦРКВА НА БИТ-ПАЗАР

СООПШТЕНИЕ ДО ЈАВНОСТА: КРАЖБА ВО КАТОЛИЧКАТА ЦРКВА НА БИТ-ПАЗАР

Скопската бискупија ја известува јавноста дека во текот на ноќта меѓу 24 и 25 ноември 2026 година, од католичката црква „Свети Јосиф“ на Бит-пазар во Скопје е украдена дарохранителницата во која се чува Пресветата Причест, односно осветени хостии.

Случајот е пријавен кај надлежните институции и во тек е полициска истрага.

За Католичката црква Пресветата Причест е најсветиот дар доверен на Црквата и средиште на нејзиниот литургиски и духовен живот. Поради тоа, нашата најголема грижа во овој момент е осветените хостии да бидат пронајдени и достоинствено вратени.

Скопската бискупија упатува апел до лицето или лицата кај кои се наоѓа дарохранителницата, а особено Пресветата Причест, да овозможат нејзино враќање што е можно поскоро.

Доколку некој ги поседува осветените хостии и сака да ги врати, го повикуваме тоа да го направи со доверба и без страв од осуда од страна на Црквата. Нашата желба е тие да бидат вратени со должна почит.

Ги повикуваме и сите граѓани кои располагаат со било каква информација што може да помогне во пронаоѓањето на дарохранителницата и Пресветата Причест да се обратат до надлежните органи.

Воедно, ги повикуваме сите верници да се соединат во молитва за пронаоѓање и достоинствено враќање на Пресветата Причест, како и за покајание, помирување и преобраќање на срцата.

Нека овој немил настан биде и повик до сите нас за уште поголема почит кон она што е свето.

Скопска бискупија

 

Категорија: Вести, Македонија

За авторот