„Љубовта Христова нѐ гони“ (сп. 2 Кор 5,14-20)
„Синоќа излегов на вечера со мајка ми и со нејзината пријателка. Како прилог нарачав грашок за потоа да можам дa го нарачам мојот омилен колач. Но, мајка ми тоа не ми го допушти. На лицето можеше да ми се види негодување, но кога помислив дека Исус е токму покрај мајка ми, ја задржав насмевката.”
„По напорниот ден се вратив дома. Додека гледав телевизија, брат ми од рака ми го зеде далечинскиот управувач. Многу се налутив, но потоа се смирив и го пуштив да гледа телевизија.“
„Денес татко ми нешто ми кажа, на што јас со лутина му одговорив. Кога го погледнав видов дека е тажен. Му се извинив и тој ми прости.“
Ова се искуства што ги раскажале деца од петто одделение од едно основно училиште во Рим. Помеѓу искуствата и Словата за живот што тогаш ги живееле можеби нема непосредна врска, но плодот од живеењето на Евангелието е токму ова: поттикот да љубиме. Какви и да се Словата што ги предлагаме за живот, резултатите се секогаш исти: тие ни го менуваат животот, во срцето ни влеваат внимателност кон потребите за другите, нѐ поттикнуваат да се ставиме во служба на браќата и сестрите. Не може да биде поинаку. Кога го прифаќаме и кога го живееме Словото, во нас се раѓа Исус и нѐ води да делуваме како него. Токму на тоа нѐ упатува Павле во овој дел од Посланието до Коринтјаните.
Длабокото искуство со Исус апостолот Павле го поттикнувало да го навестува Евангелието и да се залага за единство на своите заедници. Чувствувал дека Тој го љуби, дека го спасил; се нурнал во Неговиот живот до толку што никој и ништо не би можел од него да го оддели: Павле повеќе не живеел, зашто во него живеел Исус. Мислата дека Господ го љуби до таа мера што го дал животот не му давала мир и со незадржлива сила го поттикнувала да го прави истото тоа, со исто толкава љубов.
Нѐ поттикнува ли Христовата љубов и нас со иста сила?
Ако навистина сме ја доживеале Неговата љубов, не може да не љубиме и ние, па смело да тргнеме таму каде што постојат поделби, судири и омраза, за да донесеме слога, мир и единство. Љубовта ни овозможува да го префрлиме срцето зад пречката, за да дојдеме до директен контакт со луѓето, разбирајќи ги и делејќи сѐ со нив, за да бараме заедно решение. Не е тоа прашање на избор. Единството треба да се спроведува по секоја цена, не дозволувајќи да нѐ спречат лажната внимателност, тешкотиите или можните судири. Тоа станува актуелно пред сѐ во областа на екуменизмот. Оваа реченица е избрана за месец јануари, месец во кој се одбележува Молитвената осмина за единство на христијаните, за да може сите да се почувствуваат поттикнати од Христовата љубов, да се упатуваат едни кон други, за да се оствари единство.
На отворањето на Второто Екуменско собрание во Грац (Австрија) на 23 јуни 1997 Кјара Лубик рекла: „Автентичен христијанин на помирувањето е само оној кој знае да ги љуби другите со Божја љубов, со онаа која дава да го видиме Христос во секого, која е насочена кон секого – Исус умре за сиот човечки род – која секогаш покренува иницијатива, која љуби прва. Таа љубов нас нѐ поттикнува секого да го љубиме, како самите себе, да се изедначиме со браќата и сестрите: во болката и во радоста. Потребно е и Црквите да љубат со таква љубов.“
И ние да живееме радикалност во љубовта со едноставноста и со сериозноста на децата од римското училиште.
Фабио Чијарди
к.мк