„Добар е Господ спрема сите, и Неговите штедрости се во сите Негови дела“ (Псалм 144,9)
Овој псалм е песна за славата, прославувањето на царството Господово кое владее со целата историја. Тоа е вечно и величествено царство, но се изразува во праведноста и во добрината: повеќе наликува на татковска близина отколку на моќта на некој владетел.
Бог е главен лик на оваа пофалба. Тој ја објавува својата нежност, преобилна како што е мајчинската: Тој е милосрден, милостив, бавно се лути, богат е со добрина, голем во љубовта…
Божјата дoбрина се гледа кон израелскиот народ, но се шири на сѐ што произлегло од неговите создателски раце, на секој човек и на сѐ создадено.
На крајот на Псалмот авторот повикува сѐ што е живо да му се придружи на таа пофалба, за да се зголеми навестувањето во складниот повеќегласовен хор:
„Добар е Господ спрема сите, и Неговите штедрости се во сите Негови дела“ (Псалм 144,9)
Самиот Бог сѐ што е создадено го доверил на рацете на мажите и жените, како отворена „книга“ во која е запишана неговата добрина. Тие се повикани да соработуваат во делото на Создателот, додавајќи страници на праведност и мир, одејќи во склад со Неговиот наум и љубов.
Но за жал, околу себе гледаме многу рани нанесени често на беспомошните луѓе, како и на природата. Причина за тоа е рамнодушноста на многумина, егоизмот и ненаситноста на оние кои го искористуваат големото богатство на околината само за сопствените интереси и на штета на општото добро.
Последните години во христијанската заедница доаѓа до нова свест и чувствителност кон почитувањето на создаденото. Во тој поглед можеме да се присетиме на бројни повици на угледни личности кои охрабруваат на откривање на природата како огледало на божествената добрина и наследство на целото човештво.
Вака се изрази екуменскиот патријарх Вартоломеј I во својата порака по повод Светскиот ден на молитвата за зачувување на создаденото, кој се одржа минатата година: „Се бара постојана будност, формација и подучување, за така да биде јасна врската на денешната еколошка криза со човечките страсти […] чиј резултат и плод е кризата на околината која ја проживуваме. Единствен пат е враќањето кон древната убавина […] умереноста и аскезата кои може да доведат до разумно управување со природната околина. Алчноста во задоволувањето на материјалните потреби со сигурност доведува до духовна сиромаштија на човекот, а тоа подразбира уништување на природната околина.“
А папата Фрањо во енцикликата „Лаудато си“ напиша: „Грижата за природата е дел од начинот на живот кој вклучува способност за соживот и заедништво. Исус нѐ потсети дека го имаме Бога како наш заеднички Отец, и дека заради тоа ние сме браќа и сестри. Братската љубов може да биде само бесплатна.[…] Таа иста бесплатност нѐ наведува да ги љубиме и прифаќаме ветерот, сонцето, облаците, иако не можеме да ги ставиме под сопствена контрола. […] Одново мораме да почувствуваме дека си требаме едни на други, дека имаме заедничка одговорност за другите и за светот и дека вреди да се биде добар и праведен.“
Затоа да ги искористиме моментите кога сме слободни од работните обврски, или сите прилики кои ги имаме во текот на денот, за да го насочиме погледот кон небесната длабочина, кон величествените планински височини и неизмерното море, но и кон малиот страк трева кој расте на работ на улицата. Тоа ќе ни помогне да ја препознаеме големината на Создателот кој е љубител на животот и да го пронајдеме коренот на нашата надеж во неговата бескрајна добрина која нѐ обзема и нѐ следи.
За нас самите, и за нашето семејство да избереме трезен стил на живот, кој ги почитува барањата на околината и кој е внимателен за потребите на другите луѓе, за да се збогатиме со љубовта. Да ги делиме добрата на земјата и работата со сиромашните браќа и да сведочиме полнота на живот и радост носејќи ја нежноста, добронамерноста и помирувањето во своето опкружување.
Летиција Магри