Од Светото Евангелие според Лука (12, 42-48)
42. Тогаш Господ рече: „Кој е тој верен и мудар слуга, кого го поставил неговиот господар над своите слуги, за да им дава потребна храна на време? 43. Блазе на тој слуга, чиј господар, кога ќе дојде, го затече така да постапува! 44. Вистина ви велам, дека тој ќе го постави него над целиот свој имот. 45. Ако, пак, тој слуга рече во срцето свое: »Нема скоро да дојде мојот господар!« па почне да ги бие слугите и слугинките, да јаде и пие и да се опива, 46. господарот на тој слуга ќе дојде во ден, во кој не очекува, и во час што не го знае, па ќе го оддели и ќе го постави меѓу неверните. 47. А оној слуга, кој ја знае волјата на својот господар и не се приготвил и не постапил според волјата негова, ќе биде многу биен. 48. Кој, пак, не знаел и направил нешто достојно за казнување, ќе биде малку биен. Кому е многу дадено, многу и ќе се бара од него; и кому му е поверено повеќе, повеќе ќе се бара од него.
(…) Господ тоа го кажал затоа што видел дека многумина живеат неселективно, сметајќи дека Бог е далеку, затоа што не го гледаат на земјата, и мислејќи дека во некој иден момент, кога повеќе нема да имаат сила за грешен живот ќе се помират со Бог и ќе го стават својот живот во ред. Многумина живеат во овој свет како заспани или пак во мрак, односно како лоши управители на Божјите дарови кои ги примиле.
Главната причина за заспаноста во светот е вкочанетоста на духовните сетила со кои го искусуваме Божјото присуство по пат на верата и тогаш не го чувствуваме за близок, ниту просторно, ниту временски. Како резултат на тоа, многумина го живеат времето како да му се господари, и како целосно да им е на располагање, како Бог да го нема. И бидејќи не го гледаат Бог во својот простор, така го занемаруваат и моментот кога Тој ќе се приближи во нивното време. Затоа го занемаруваат своето духовно сетило со кое ќе ја слушнат неговата близина, онеспособувајќи го со гревот или пак со барањето на материјалните добра кои ја загушуваат моќта за духовно расудување. Се оправдуваат или се утешуваат дека за Бог има време, но откако ќе ги остварат другите цели кои се примарни од послушноста на неговата волја, гласот и законот. Затоа се даваат со сите сили во уживањето на земските добра, како од нив да им зависи животот, мислејќи дека сега им е моментот за тоа, додека со Бог подоцна лесно ќе излезат на крај, кога ќе дојде време за вечноста.
Како што музичарот не оди на градилиште, во вревата од машините за да го почувствува звукот кој ќе му ја просветли душата и срцето, туку се повлекува во тишина, за во тишината да го пронајде волшебниот звук и хармонијата кои се разликуваат од сите останати, така се очекува и од верникот во светот, да не се загушува во земските, туку да остава простор и тишина за да го слушне чекорот на Божјото присуство, односно да почувствува дека секој момент е момент на неговата близина. Како што зависникот од алкохол не може да биде добар дегустатор на вино, така исто зависникот од земските добра не може да биде добар управител на Божјите добра на земјата, ниту да биде добар слуга кој со нетрпение го очекува својот господар.
Согласно на таа логика според која земските сетила служат за внимателно испитување на реалноста, истото важи и за духовното сетило за верата со која сме сведоци на Божјото присуство. Кој дозволува неартикулираната земска реалност да изврши на него влијание, дозволува надворешно да го загуши и повеќе да не биде способен да ја исполни својата цел. Кој не го регулира протокот на земската реалност во својот живот и кој не знае да и ја пронајде вистинска мерка, на себе си нанесува голема духовна штета, бидејќи ги губи здравите критериуми за разликување и проценување на корисното од штетното, исклучителното од просекот, односно Божјото од земското.
Можеме да се пробудиме, и треба со живата вера во Христос Исус. Тој дојде меѓу нас луѓето сакајќи да нѐ мотивира на љубов кон Отецот небесен, разгорувајќи ни ја свеста за припадност на неговото Царство кое е ниту временски, ниту просторно далеку. Тој сака да бидеме слуги кои со нетрпение и будно и ревносно го очекуваат својот господар свесни дека е пред вратата. А сами можеме да се испитаме кое место сме му го дале на Бог во својот живот, затоа што тоа јасно се гледа. Ако живееме неуреден живот или се однесуваме на непримерен и неправеден начин, очигледно не сме го сместиле Бог на прво место во нашиот живот, затоа што не Му дозволуваме Тој да нѐ поучи и мотивира за да воспостави вистински односи кон Него. Неправдите кои си ги нанесуваме едни на други само се показател дека Бог ни е далеку и дека не мислиме на тоа дека еднаш ќе ни се појави на вратата и ќе нѐ праша за сметката од управувањето.
Ако како многу други, во себе си правиме сметки уверени дека до неговото појавување ќе ги доведеме работите во ред, а за сега можеме да живееме по свое, голема е веројатноста да се измамиме. Ако се однесуваме невнимателно како да знаеме кога Тој ќе дојде, и како да знаеме колку време ни треба да се поправиме и да го ставиме на своето место сѐ што погрешно сме работеле, се плашам дека никогаш нема да го дочекаме тоа време. Ако се однесуваме така што и не мислиме за тоа дека неуредниот живот во нас се вкоренува преку навиките кои тешко ги менуваме и тврдоста на срцето која уште потешко ја омекнуваме, ќе претпоставиме дека никогаш нема да го омекнеме срцето за Божјото присуство и за добронамерноста. Затоа подобро да го послушаме советот на својот Учител и да не си поигруваме со Бог, мислејќи дека можеме цврсто да ја држиме контролата над своето време, туку подобро цврсто да се држиме за Господ и за неговата љубов. Затоа да настојуваме во овој свет веќе сега да живееме внимателно за неговото присуство, кое се покажува и во времето и во просторот, за еднаш да можеме да уживаме во небесната слава во сите вечни векови. Амин.
д-р Иван Бодрожиќ/вера и дела/к.мк