Слово Божјо за денес: Духот на исклучивост

Слово Божјо за денес: Духот на исклучивост

Од светото Евангелие според Лука (9, 49-56)

49. Одговори Иван и рече: „Наставниче, видовме еден човек, кој во Твое име истерува бесови, па му забранивме, бидејќи не оди со нас.” 50. Исус му рече: „Не забранувајте! Оти, кој не е против вас, тој е со вас.” 51. А кога се приближија деновите на Неговата смрт, Он тргна по патот за Ерусалим; 52. и испрати пред себе гласници; тие отидоа и влегоа во едно самарјанско село да приготват за Него. 53. Но не Го примија, зашто имаше изглед на патник, што оди во Ерусалим. 54. Кога го видоа тоа учениците Негови, Јаков и Иван, рекоа: „Господи, сакаш ли да кажеме да падне оган од небото и да ги истреби, како што направи и Илија?” 55. Но Он се сврте кон нив, ги искара и рече: „Не знаете од каков дух сте вие; 56. зашто Синот Човечки дојде, не да погубува човечки души, туку да спаси.” И отидоа во друго село.

Денешното Евангелие ни нуди уште една тема која зборува за односите и за духот кој владее меѓу Исусовите ученици, односно за нивниот пристап кон другите кои не биле од апостолскиот круг.

Опишаната сцена ни покажува дека во нас останало уште многу од она човечкото, а тоа го условува нивниот пристап и кон науката која ја донесува Исус, но и кон другите. Не само што меѓу учениците се појавува меѓусебна нетрпеливост кога се прашувале кој од нив е поголем, туку тие сакале и пред другите да го сочуваат својот привилигиран статус кој го имале како дванаесет посебно избрани ученици и најблиски Исусови соработници. А бидејќи биле свесни за тој статус кој го имале кај Исус, во нив се појавил духот на исклучување на другите, наместо да се развие вистински апостолски и мисионерски дух, кој поттикнува да се прави колку што е можно повеќе добрина во Исусовото име.

А познато е дека во нас луѓето постои, како што покажал и апостолот Иван со својата реакција, она човечка желба за истакнати места и привилигиран статус. Навистина, никој сам по себе не е лишен од човечките желби за да се истакне во однос на другите, која дури знае да премине во тоа да сакаме другите да не напредуваат или да им се случи нешто лошо кога ќе видиме дека нас во нешто би можеле да нѐ надминат. Таков став ги обземал и Исусовите ученици, страв да не го загубат сопствениот примат и привилегиите, страв некој да не ги надмине и помине, што често и во текот на историјата се пренесувало на луѓето од Црквата и многу поделби станале заради нетрпеливост и „ситни души.“ Бидејќи како луѓе не само што сакаме да се покажеме добри и вредни, туку сакаме тогаш да бидеме и пред другите, кога веќе сме вложиле одреден напор и труд во образованието. Во нас многу често не е само желбата да ја работиме сопствената работа, туку е присутна и желбата на другите да не им дозволиме да ни се приближат, како да ни е страв дека ќе го загрозат нашето место. Премногу често им завидуваме на другите за да не станат попознати и поважни од нас, за јавноста нивната работа и напорите повеќе да ги цени од нашите. (…)

А Исус своите ученици никогаш не ги учел да се натпреваруваат со другите, за себе да си препишуваат заслуги, туку ги поттикнувал да служат за благосостојба на луѓето. Ги поттикнувал да не прават нешто за да примат признанија и награди, давајќи до знаење дека тие се првите и најблиски соработници, дека тие направиле многу добро од другите, туку да се веселат за секое добро, за секоја чаша вода со која го напојуваат жедниот во Исусовото име.

И денес сите ние, Христовите верници, треба да го одржуваме истиот дух кој Исус го пренесе на апостолите, кој не смее да биде лош натпреварувачки дух кој води до завист и исклучување, туку кој поттикнува да правиме добро во Исусовото име, односно со кој меѓусебно се поттикнуваме да правиме сѐ повеќе добро на сите оние на кои им е потребно ослободување и спасение.

д-р Иван Бодрожиќ/Вера и дела/к.мк

 

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот