„Слобода под благодат“ од папата Лав XIV објавена на англиски јазик

„Слобода под благодат“ од папата Лав XIV објавена на англиски јазик

Книгата на папата Лав XIV Слобода под благодат излезе на англиски јазик, обединувајќи ги неговите размислувања за наследството на свети Августин, кое силно ја обликувало неговата духовност.

Англиското издание на книгата на папата Лав XIV Слобода под благодат: Размислувања за духовната традиција што ме обликуваше беше пуштено во продажба во вторник, 15 септември 2026 година, во Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Австралија и низ земјите од Комонвелтот.

Во книгата се собрани размислувањата на Светиот Отец за наследството на свети Августин, кое ја обликувало неговата духовност и неговиот поглед кон светот.

Фактот што Лав XIV е првиот папа од Редот на свети Августин ѝ дава на книгата посебно значење. Таа е од особен интерес и за читателите од англиското говорно подрачје, бидејќи ги открива мислите и перспективата на првиот папа од Соединетите Американски Држави, чиј мајчин јазик е англискиот.

Според соопштението на издавачката групација „Пенгуин Рендом Хаус“, книгата содржи обраќања, проповеди и лични текстови од периодот кога отец Роберт Превост бил генерален приор на Редот на свети Августин, откривајќи ги причините и размислувањата зад неговите одговори на важни црковни и општествени прашања.

Идниот папа Лав XIV, се наведува во соопштението, „ги повикува читателите да седнат на маса со него“, како да се присутни во моментот кога тој размислува за последиците од нападите на 11 септември, појавата на нови политички идеологии и одговорот на Црквата на сиромаштијата и конфликтите поврзани со човековите права.

„Црпејќи од делото на свети Августин, кого го нарекува свој духовен татко“, се наведува понатаму, папата Лав „промовира визија за живот вкоренет во заедништвото, солидарноста и служењето на маргинализираните заедници“.

Англиското издание на Слобода под благодат во Соединетите Американски Држави го објави „Имиџ Букс“, дел од христијанската издавачка групација на „Пенгуин Рендом Хаус“.

Во Велика Британија и Австралија, книгата е објавена од издавачката куќа „Енлајтен“, исто така во рамките на „Пенгуин Рендом Хаус“.

Оригиналното италијанско издание беше објавено од Ватиканската издавачка куќа под наслов Liberi sotto la Grazia.

Аудиоизданието ќе содржи воведни проповеди и обраќања што ќе ги чита комичарот и добитник на наградата „Еми“, Стивен Колберт, кој јавно ја исповеда и живее својата католичка вера. Главниот текст ќе го чита наградуваниот наратор и номиниран за наградата „Греми“, Скот Брик.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот