Скопје: Отворена Годината на Богопосветените лица

Во капелата Света Ана која се наоѓа во катедралата Пресвето Срце Исусово во Скопје, на 7 февруари 2015 година се одржа првата средба на лицата со посветен живот, а по повод прогласувањето на Година на Богопосветените лица.

На почетокот од средбата скопскиот парох дон Давор Топиќ го поздрави Скопскиот бискуп и Апостлоски егзарх во Македонија, монс. д-р Киро Стојанов, како и сите светеници и присутни лица со посветен живот и им посака добредојде на оваа средба.

Потоа следуваше предавање од бискупот Стојанов на тема: „Одсјајот на Божјата светост во нашиот живот“.

Бискупот Стојанов меѓу другото рече: „Со оваа средба, духовна обнова и со ова предавање ја започнуваме Годината на посветен живот, а која е прогласена од папата Фрањо за целата Црква. Сите добро знаеме дека нашиот современ свет се наоѓа во една голема криза. Таа криза не ја зафати само Стариот континент, Европа, туку и Америка, пополека и целиот свет. Сведоци сме на времиња кои некогаш историјата ќе ги одбележи како промена на цивилизацијата. Таа промена на цивилизација која доаѓа се судира со генерациите.“

„Што подразбираме под поимот „Божја светост?“ Веруваме во Бога како совршено битие кое е вечно, неизмерно, неискажливо и совршено. Сите овие поими ги надминуваат нашите способности на разбирање. Кога велиме Боже Свети требаме да го прифатиме понизно фактот дека тој поим не го разбираме. Нашиот начин на разбирање, прифаќање е пат на набљудување на сето тоа што Бог создаде. Од создадениот свет – кој е совршен – ние доаѓаме до заклучок: ако создадениот свет е така совршен колку ли е тогаш само совршен неговиот Создател. Знам дека тоа е патот на нашиот разум, но не и духот. (…) Зошто на Бога му требаше тој прекрасен свет кој Го слави? Очигледно дека постоењето на ангелите и луѓето е целта зошто Бог го создаде светот. Божјата убавина, добрина и сите карактеристики што се одразуваат во создадениот свет имаат само тогаш смисла ако постои разумно суштество како што е ангелот и човекот и препознавајќи Го воскликнуваат: Голем си и прекрасен Создателе наш! Во тој восклик нашето разбирање, контемплирање се претвора во молитва и така Бог се објавува на нашиот дух како Создател, голем и свет кој сиот создаден свет го создаде само затоа да во тој свет Тој и ние започнеме разговор. Така доаѓаме до одговорот: Господи Боже наш сè си за нас создал!“

Што тогаш значи насловот на нашето предавање: Одблесок на Божјата светост во нашиот живот? (…) Бог и светот околу нас очекуваат само едно од нас: ДА БИДЕМЕ СВЕТИ. Тоа не се чудесни и вонредни настани туку тоа е обичен човечки живот кој со сето свое битие се ослонува на Бога, живее од Бога, живее за Бога и сосвојата надеж за вечниот живот го оправдува својот начин на размислување и живеење во конкретниот свет. Луѓето од нас очекуваат само едно: да бидеме светлина во својата скромност, едноставност и понизност кои од својот поглед преку зборови и дела се одразува вистината на верата. Бог е Љубов.“

„За да одговориме на темелната тема во Годината на посветениот живот во денешната Црква сметам дека само тогаш адекватно ќе одговориме доколку бидеме отсјај на Божјата светост. Со тоа нашиот живот ни малку нема да биде чуден ниту необичен, туку онаков каков го замислил Бог во создавањето кога посака човекот да го има за пријател.“

После предавањето на бискупот Стојанов следуваше обожавање на Пресветата Олтарска Тајна и имаше можност за света исповед. Врв на заедништвото беше Евхаристиското славење, кое го предводеше бискупот Стојанов, кој ги охрабри присутните за живот и послание кое им го искажа Божјата љубов. Исто така ги повика монахињите, да ги отворат вратите на своите манастири за луѓето и да им помогнат да се сретнат со Бог.

По завршувањето на првиот дел, средбата продолжи во заедништво во салата на Пасторалниот центар, а имаше можност и да се види новоотвореното студио на Радио Марија Македонија во Скопје.

к.мк

Категорија: Македонија

За авторот