Скопје: Бискупот Стојанов ја предводеше Литургијата за празникот Голема Богородица

Скопскиот бискуп и апостолски егзарх монс. д-р. Киро Стојанов ја предводеше свечената Света Литургија на празникот Голема Богородица во понеделникот 15 август 2016 во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје.

Прославата започна со процесија со статуата на Богородица околу катедралата со пеење на Богородични песни.

Во својата проповед бискупот Стојанов истакна: „Жена, облечена во сонце; под нозете нејзини беше месечината, а на главата нејзина – венец од дванаесет ѕвезди“ (Отк 12,1). „Визијата Иванова е неверојатна ама величествена. Црквата од самиот почеток во тоа видение препознала две пораки. Едната порака е прославата на Марија која заради своето Божјо мајчинство е украсена со космички знакови. Во крилото го носи Оној кого не може да го опфати ни небото ни земјата, а го опфатила нејзината благословена утроба. Тој знак на Марија во слава секогаш ја инспирира Црквата на исток и запад да ја почитува Богородица со телото и душата прославена на небо. Tаа жена во славата е Мајка. Тој детал црковните Отци го гледаат како друга порака од тој запис, а тоа е дека таа жена ја симболизира Црквата. Црквата е Мајка која со крштението од вода и Светиот Дух раѓа потомство на Божји деца, а змејот – сотоната демне да го зграби детето. Повторно се јавува Божјата сигурност која ја заштитува жената – Црквата -, која треба да роди. Таа таинствена визија со право може да се обедини со реченицата: Марија Мајка на Црквата.

„По повод овој празник би сакал да проговорам за една непријатна (невкусна) тема која го притиска човештвото во наше време, а тоа е: прифаќање и почитување на нашата телесност која е како веруваме одредена за небесната слава. Денешниот човекот како да не знае што е неговото тело; го смета биолошки факт и ја идентификува својата личност со телесноста. Разбирливо, не можеме да го делиме човекот на дух, душа и тело, бидејќи тоа во овој живот е едно, но, сепак Духот е личност и носител на нашето јас.

Би можеле да кажеме симболично дека нашето тело е храм или дом во кое престојува моето јас. Ве прашувам на кој дел од телото го додавате зборот јас, на ниту еден дел. Зборуваме: моја рака, моја нога, мое око, и сѐ до последната станица на нашето тело не велиме јас, туку мое. Телото ни е дарувано да по него и во него го доживееме земскиот живот. Живееме цивилизација на тргување со телото.

Светиот Отец папа Фрањо овие денови ги посети личностите на кои им се ветуваше работа и подобар живот, а всушност од трговците на луѓе беа препродавани, малтретирани… Страшно е и да се помисли колку скапо се плаќа телото на абортирано дете, дури и до продавање на многу делови од телото. Од друга страна робувањето на телото раѓа неумереност во задоволувањата на посебен начин во изживувањето на телото (сексуалноста), јадењето и пиењето. Тоа робување довело до лажни тврдења дека сум господар на своето тело, а тогаш според таа логика сè е допуштено и дека сè е добро што ми годи. Тоа е лулката на најголемиот егоизам што и своето и туѓото тело го заробува“.

После светата Литургија верниците имаа можност поединечно да поминат низ светата врата на милосрдието и да примат потполно опростување во оваа јубилејна Година на милосрдието.

фотографии:

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Македонија

За авторот