Синот на полската премиерка Беата Шилдо стана свештеник

Синот на полската премиерка Беата Шилдо стана свештеник

Беата Шидло порача дека е горда на својот син и дека, иако е единствена премиерка на држава во Европа која има син свештеник, не гледа ништо необично во тоа.

Свештеникот од Полска Тимотеуш Шидло, син на премиерката на таа држава Беата Шидло, на 28 мај 2017 година ја служеше својата „млада Литургија“ во црквата на Мајка Божја Честоховска во родното село Пречешин, а на свечениот чин присуствуваше и целото семејство.

Како што пишува весникот Гошч Ниеделни, неоерејот кој е ракоположен ден претходно во катедралата во градот Биелско – Бијала, најпрвин примил родителски благослов во својот дом, а потоа семејството се упатило кон месната црква каде Тимотеуш ја служел својата прва Литургија.

„Со што да му возвратам на Господа за сѐ што ми направи? Ќе ја земам чашата на спасението и ќе го повикам името Негово“, ja започнува со псалмот 116 својата благодарност свештеникот Шидло, нагласувајќи дека сето добро произлегува од Бога и на Него Му должиме благодарност која со зборови не може да се искаже.

Потоа се заблагодари на своите родители кои му ја пренеле верата, на своите пријатели, браќата и сите свештеници кои го придружувале на неговиот духовен пат, па додели благослов на сите собрани.

Свештеничкото ракополгање на синот на политичарката одекна во полските медиуми затоа што тоа не се случува често ниту во католичка Полска, личност толку високо позиционирана во политичката хиерархија да има свештеник во најблиското семејство. Беата Шидло порачала дека е горда на својот син и дека, иако е единствена премиерка на држава во Европа која има син свештеник, не гледа ништо необично во тоа.

„Она што е важно за нас е медиумите да ја почитуваат приватноста на нашето семејство и на Тимотеуш. Тој не сака никаков јавен ангажман, сѐ што го интересира е неговиот свештенички повик и верно да го следи“, рекла премиерката во разговор за Гошч.

Во истиот разговор рекла и дека свештеничкиот повик на нејзиниот син било изненадување за семејството.

„Тој уште како дете беше министрант и знаевме дека литургијата му е многу важна, но не претпоставивме дека ќе биде свештеник. Кога ми го рече тоа, морам да признам имав свои двоумења. Мислев дека 19 – годишник не може да донесе толку одговорна одлука. Дури го советував да започне студии по филозофија со која отсекогаш се занимаваше. Но, беше упорен. Тогаш разбрав дека станува збор за вистински повик. Почнав да размислувам за некои случувања од минатото и сфатив дека Бог уште тогаш ни давал знаци. Провидноста го водела кон свештенството. Знам дека е радосен и исполнет, а токму тоа е сонот на секој родител – да го гледа своето дете среќно. Горди сме на него“, рекла полската претседателка на владата.

Самиот Тимотеуш рекол дека уште од детството бил поврзан со црковната литургија и дека влегувањето во богословија за него било природно продолжување на тој пат. За свештеничко мото го зел цитатот од Посланието на апостол Павле до Галатјаните: „За слобода Христос нѐ ослободи!“

„Затоа што од слободата сѐ почнува и на таа слобода сме повикани. Зборувам за вистинската слобода – не политичката или материјална, туку за слободата на духот. Една од најважните задачи на свештеникот денес е да ги води луѓето кон таа слобода. До откривањето дека во своето срце се слободни и да можат да одат по Господа“, рекол свештеникот Шидло во разговор со Гошч Ниеделни.

Тој истакнал дека не сака кога луѓето од медиумите на неговата служба гледат низ призмата на политичка должност кон неговата мајка.

„Не сакам да се базирам на човечките оценки, дали тие би биле позитивни или негативни. Сакам да работам како и секој друг свештеник. Црквата не е партија и јас немам намера да ги огласувам своите политички ставови од амвонот. Секако дека тие гледишта и ставови ги имам, но ги оставам за себе“, рекол отец Шидло.

Запрашана како нејзините колеги политичари го коментираат ракополагањето на нејзиниот син, премиерката одговорила дека воглавно не се заинтересирани за тоа што го прави нејзиниот син.

Открила, сепак, еден интересен детал. Кога минатата година Тимотеуш го примил ѓаконското ракополагање, полската политичарка добила од Унгарскиот премиер Виктор Орбан писмо и молба да го даде на својот син. Шидло открила дека пред две недели разговарала со сопругата на Унгарскиот премиер Анико која ѝ порачала дека нејзиното семејство ќе се моли за новоракоположениот свештеник. Да потсетиме, Орбан е калвинист, но неговата сопруга е католикиња.

Битно.нет/к.мк

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот