Синода: Насоки за фазата на примена

Синода: Насоки за фазата на примена

Вопонеделник 7 јули 2025 година беше објавен документот на Генералниот секретаријат на Епископската синода – рамка за локалните цркви за продолжување на патот што го започна папа Фрањо, а го потврди папа Лав XIV. Папата кон веќе воспоставените студиски групи додаде уште две нови. Документот ги поттикнува локалните цркви да ги вклучат оние што досега останале на маргините на црковниот живот, како и да го прошират слушањето и во затворите и болниците. Најавен е и Јубилеј на синодалните тимови. Кардинал Грек: Во свет на војни, неопходна е Црква што е знак на единство.

Целта е, од една страна, да им се понуди на локалните цркви низ целиот свет заедничка рамка што ќе го олесни заедничкиот пат, а од друга – да се промовира дијалог кој ќе ја доведе целата Црква до црковното собрание во октомври 2028 година. Тоа се насоките од документот кои на 7 јули ги објави Генералниот секретаријат на Синодата, со наслов: „Насоки за фазата на примена на Синодата“. Документот има околу шеесет страници и е поделен на четири поглавја, со упатства и насоки за следење на последната фаза од синодалниот процес кој го започна папа Фрањо во 2021 година, а сега повторно го поттикна папа Лав XIV.

Две нови студиски групи основани од папа Лав XIV

Текстот е одобрен од XVI редовен совет кој неодамна заседаваше во Рим. На 26 јуни Папата ги посети неговите членови и ги охрабри да продолжат со работата во духот на синодалноста, која – како што рече – ни помага да бидеме Црква. Папата Лав XIV – како што стои во објавениот документ – ги потврди студиските групи што ги основа папа Фрањо минатата година за да се продлабочи размислувањето за одредени теми од канонска, теолошка и пасторална природа, и додаде уште две: една за „Литургијата во синодалната перспектива“ и една за „Статусот на бискупските конференции, црковните собранија и партикуларните синоди“. Генералниот секретаријат на Синодата има задача да обезбеди папските одлуки, донесени и врз основа на резултатите од тие групи, да се интегрираат во тековниот синодален процес.

Вовед од кардинал Грек

Документот започнува со вовед од кардинал Марио Грек, генерален секретар на Синодата, кој истакнува дека во денешниот свет – заробен во спирала на насилство и бесконечни војни, и сè помалку способен за средба и дијалог – повеќе од кога било е потребна Црква која ќе биде знак и средство на единството на човештвото.

Кардиналот потсетува дека многу локални Цркви со воодушевување го следат синодалниот пат, но има и такви што сè уште се прашуваат како да ја започнат фазата на примена или штотуку ги прават првите чекори. Затоа овој документ треба да биде хоризонт кон кој треба да се стремиме и поттик за храбро напредување, и покрај отпорот и тешкотиите.

Јубилеј на синодалните тимови

На почетните страници од документот се наведуваат идните етапи на синодалниот процес и се најавува посебен настан: Јубилејот на синодалните тимови и тела, што ќе се одржи од 24 до 26 октомври 2025 година. Ова ќе биде – како што се вели – можност за поврзување, размена на искуства и подобро усогласување.

Клуч за разбирање на фазата на примена

Првото поглавје нуди толкување на фазата на примена, чија цел е да се искусат обновени практики и структури, за животот на Црквата да биде сè посинодален. Оваа фаза не е некаква вежба, ниту дополнителна обврска наложена од Рим, ниту време за формулирање на апстрактни хипотези. Како што се објаснува, фазата на примена е дел од редовниот црковен живот и ќе бара да се идентификуваат образовни патишта за остварување на конкретно синодално обраќање во различните црковни реалности.

Пошироко учество

Во оваа фаза, како што стои во документот, учествуваат жени и мажи, со различни харизми, повици и служби; мали христијански заедници; парохии, здруженија, движења и посветени лица. Накратко – сите. Не смее да биде пат ограничен на јадрото на посветените. Напротив, се нагласува важноста од проширување на можностите за учество и диференцирана соодговорност на сите крстени.

Затоа е клучно да се вклучат оние што досега останале на маргините на синодалниот пат: лица и групи со различни културни идентитети и социјални позиции, особено сиромашни и исклучени. Потребно е и посебно внимание за оние кои изразиле сомнежи или отпор. Затоа Црквите се повикуваат да најдат начини за слушање и надвор од парохиите – на пример, на универзитети, центри за слушање и прифаќање, болници, затвори и дигитални простори.

Улогата на бискупот и синодалните тимови

Документот истакнува дека во секоја локална Црква, главната одговорност за фазата на примена ја носи епархискиот или диецезанскиот бискуп. Тој треба да се обрати до други тела – презвитерскиот, пасторалниот и економскиот совет – и особено до синодалните епархиски тимови. Нивната улога треба дополнително да се вреднува, обнови, а таму каде што не постојат – да се формираат. Тимовите треба да вклучуваат лаици верници, свештеници, монаси и монахињи од различна возраст, култури и формации. Се предлага и вклучување набљудувачи од други христијански заедници или религии.

Врати што секогаш се отворени

Еден обемен дел од документот се однесува на задачите на Генералниот секретаријат на Синодата, кој – како што се наведува – се обврзува секогаш да биде со „отворени врати“, за да ги слуша потребите, интуициите и предлозите на локалните Цркви, да ја олеснува нивната работа и да одговара на барањата во врска со содржини и методологии. Ќе се поттикнуваат конференции, студиски семинари и моменти на заедничко размислување. Секретаријатот ќе ја следи и подготовката и организацијата на континенталните евалуациски собранија во 2028 година, како и на општото црковно собрание во октомври истата година.

Поттик за читање на Завршниот документ на Синодата 2024

Еден дел од документот повикува на запознавање со Завршниот документ на Синодата 2024 – текст кој е богат и систематски, од кој произлегуваат неколку силни нагласи: еден еклесиолошки пристап втемелен во Вториот Ватикански собор; екуменски жар; и визија за дијалог со другите верски традиции и со општеството.

Процеси „во синодален дух“

Се препорачува синодалната метода да не се сведува на збир од техники за управување со состаноци, туку да се живее како духовно и црковно искуство кое води кон нов начин на живот на Црквата, преку разликување, одлучување, слушање, образование и други активности, обединети во тоа што се спроведуваат на синодален начин.

Поглед со надеж кон иднината

Во завршниот дел од документот, Црквата е охрабрена со надеж да гледа кон следните чекори, започнувајќи со Јубилејот на синодалните тимови. Заедничкото физичко одење кон Светите врати нека биде можност за размена на дарови и прослава на надежта која не разочарува – завршува документот.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот