Свештеничко ракополагање во Радово

Неговото Високопреосвештенство монс. д-р Киро Стојанов на вториот ден од Божиќ, Собор на Пресвета Богородица, 8 јануари 2015 година, служеше света архиерејска Литургија во парохиската црква „Свети пророк Илија“ во Радово. За време на светата Литургија владиката Стојанов го ракоположи за свештеник досегашниот ѓаконот Ванчо Назов. На овој свечен чин сослужуваа голем број свештеници од Апостолскиот егзархат во Македонија и од Скопска бискупија, а молитвено се придружија и голем број верници. Неоерејот пред епископот Стојанов го претстави парохот о. д-р Зоран И. Стојанов.

Во проповедта за време на Литургијата епископот Стојанов најпрво говореше за подготвеноста и расположливота на свети Јосиф да слуша и да дејствува според Словото Божјо.

„Навистина постојат луѓе кои секогаш се подготвени да го прават она што Бог го бара од нив. Постојат луѓе кои се целосни Божји соработници. Каде е моето место меѓу нив? Јосиф беше таков, бидејќи веруваше, можеше да тргне во непознато со Исус и Неговата мајка според едноставниот налог. Верата го лишува од секоја сигурност освен од тие во кои имаше доверба дека Бог управува со нивните животи. Затоа одеше понатаму. (…) Навистина Јосиф беше човек со голема вера, без која не ќе можеше да ги поднесе сите тие напори, кои го ставаа во искушение.

Во продолжение на својата проповед владиката Стојанов зборуваше за свештеничката служба при што ќе истакне дека таа се состои од три важни служби: поучување, посветување и управување. Епископот Стојанов потенцира дека свештеникот во служењето на олтарот, во славењето и делењето на светите тајни во прв ред го краси побожноста. (…)

„Свештеникот е незаслужен, но многу одговорен делител на Божјите таинства. Свештеникот 24 часа на ден е Божји служител. Затоа на свештеникот му е потребна Божја помош, христијанска молитва и љубов“ – рече владиката Стојанов.

Кон крајот од својата проповед епископот Стојанов се заблагодари на сите кои помогнаа на новопоставениот свештеник да застане пред Божјиот олтар и да му служи на Бога и повика на молитва за неоерејот о. Ванчо Назов и за сите свештеници.

По завршувањето на светата Литургија следуваше неоерејскиот благослов.

Свеченоста заврши со пригодна претстава подготвена од децата и младите од парохијата.

Редакцијата Католици.мк, чиј соработник е неоерејот Назов, му посакува Божји благослов во извршувањето на свештеничката служба – На многаја и благаја лета!

к.мк/го*ко

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Македонија

За авторот