Свети Иван Крстител и Марија во Аин Карем
Во месец јули славиме повеќе празници. Еден од нив е и Раѓањето на свети Иван Крстител. Живеел во пуст крај отаде Јордан, каде што го подготвувал патот на Господ. (Ив 1, 28; Мк 1, 3); потекло влече од свештеничко семејство (Лк 1, 5); го проповедал покајно крштение (Мк 1, 4; Мт 3,1; Лк 3,3); на крајот Ирод Антипа наредува да му ја отсечат главата по наговор на жена му Иродијада, која всушност била жена на брат му Филип (Мк 6, 14-29). Станува збор за светец кој со Блажена Дева Марија и со свети Јосиф во литургиската година се спомнува повеќе од еден пат. (…)
За местото на раѓање на свети Иван Крстител имаме само еден генерички податок од Евангелието по Лука: „А Марија како стана во тие дни, отиде набргу во ридскиот крај, во градот Јудин; па влезе во домот на Захарија и ја поздрави Елисавета.“ (Лк 1, 39-40). Традицијата од првите векови тој град во Јудејската гора го поистуветува со Аин Карем, населен западно од Ерусалим, односно негово предградие. Денес на тоа место постојат две светилишта: Посетата на Марија на Елисавета и Раѓањето на свети Иван Крстител. (…)
Во Евангелието што го слушаме на празниикот на Раѓање на Исусовиот Претеча (Лк 1, 57-66.80), слушаме за самото раѓање на свети Иван. Посебно во очи паѓа нивното потекло: за родителите на Иван се употребуваат изрази кои се препишуваат на совршени верници (1, 5-7), додека за Исусовата мајка и за свети Јосиф тоа не може да се заклучи на прв поглед (1, 26-27).
Сепак, ниту така „совршениот“ живот на Елисавета и Захарија не ги ослободува од стерилноста. Захариј ги исполнува сите услови и морални и наследените што му довериле и литургиска служба, а сепак до длабока старост останува стерилен, не поседувајќи го најголемиот посебен благослов на Божјите следбеници – помотомството. А подоцна уште и станал нем (1, 11-23). Така е некако и денес. Во можност сме да ги исполнуваме сите услови што Законикот на канонското право ги бара, а на крајот во своето делување и живеење остануваме неплодни. Истото важи и за Елисавета која и по самото зачнување се сокрива, оставајќи ги читателите збунети пред таквиот неочекуван чин. (…)
Божјиот план со Иван и со неговите родители не бил цел само за нив. Посебно во молитвата на Захариј во храмот, може да се воочи еден важен детал: Ангелот Гаврил му навестува на Захариј дека неговата молитва е услишана (1,13). Што молел Захариј? Прво, сите би одговориле – Бог да му даде потомство. И самиот ангел му вели дека жена му ќе му роди син (1,13). Сепак се работи за праведник, многу религиозен човек, кој на толку важно место и во толку важен момент не би молел нешто за себе. Во таа смисла би се предложило дека станува збор за молитва за спасение на Израел. Со други зборови, Захариј молел за доаѓањето на Месијата! И Бог му ја услишал молитвата, поставувајќи го и него самиот како еден од главните учесници на најважниот настан на човековата историја. Всушност, неговиот син ќе го навести исполнувањето на времето и подготвувањето на патот за доаѓањето на Месијата.
Помеѓу описот за навестувањето и раѓањата на Иван стои навестувањето за раѓањето на Исус. Согласноста на Марија со Божјиот план и доаѓањето на Синот Божји на светот. Спасителот е тука меѓу нас! И Иван, Захариј и Елисавета стануваат многу важни учесници на тој пред сè благодатен настан. Најблагодатниот! Исус е Тој кој го овозможува и секое наше добро делување, секој наш исправен говор за Бог, секој наш исправен став пред Бог. И во Него е целиот наш успех, целата наша радост, целата наша величина, целата наша важност. Толкава за да можеме како свети Иван да воскликнеме: „не сум достоен да Му ги одврзам ни ремчињата на обувките Негови.“ ( Лк 3, 16). Вратата на Исусовото спасоносно влегување во светот го отвори Марииниот Фијат – нека ми биде!
Светот во сликата на молчењето на Захариј и сокривањето на Елисавета го доби Спасителот на Кој Марија му била светохранилиште. Да се упатиме како неа во светот во кој сме повикани да Го носиме Христос, Радоста и Надежта на светот и денес обвиткана со молчење и сокривање пред неправдите и предавството на злото.
Фра Антонио Шакота/Гласник Мира/Д.И.