Секогаш кога и да славиме празник на било кој апостол, нѐ обзема желба да сознаеме што е можно повеќе за неговиот живот. Но, оваа желба на овој свет може само скромно да се задоволи бидејќи податоците за поголемиот дел од апостолите се прилично сиромашни. (…)
Денес го славиме споменденот на свети Јаков Помладиот, син Алфеев, самиот тој писател на едно од новозаветните соборни посланија. Освен во листата на апостолите, никаде на друго место во евангелијата посебно не се споменува. Свети Павле во Посланието до Галатјаните го споменува како една од најистакнатите личности на првата Црква, додека во Делата Апостолски се истакнува како Ерусалимски епископ.
Неговото послание е многу сериозно. Полно е со предупредувања, опомени и закани. Во неговите 108 реда наоѓаме 60 императиви. Против тврдокорноста на совеста може секогаш да ни послужи како многу корисно и спасоносно духовно четиво. Овде ќе наведеме само за врзувањето на јазикот. Со јазикот честопати се греши. Затоа ќе биде спасоносно да се прочита и да се запамети ова:
„Не барајте, браќа мои, мнозина да станувате учители, знаејќи дека поголемо осудување ќе добиеме, бидејќи сите ние многу грешиме. Но оној, кој во зборови не греши, тој е совршен човек, силен да го обузда и целото тело. Ете, и на коњите им ставаме узда, за да ни се покоруваат, и да управуваме со целото нивно тело. Па, ете, и корабите, иако се толку големи и силно гонети од бурни ветрови, со мало кормило се управуваат онаму каде што кормиларот сака.
А така и јазикот е мал орган, но големи работи зборува. Ете, мал оган, а колку голема гора запалува; и јазикот е оган, свет полн со неправда ; јазикот се наоѓа во таква положба меѓу нашите органи, што го осквернува целото тело и го пали времето на нашиот живот, воспалувајќи се сам од пеколот.
Зашто секаков вид ѕверови и птици, лазачи и риби, се скротува и се припотомува од човечкиот род, а јазикот никој не може да го скроти: тој е немирно зло и полн со смртоносен отров.
Со него го благословуваме Бога и Отецот, со него ги колнеме луѓето, создадени на слика Божја. Од истата уста излегува и благослов и клетва: не треба, браќа мои, тоа така да биде.
А тече ли од еден ист извор слатка и горчлива вода? Може ли, браќа мои, смоквата да раѓа маслинки, или лозата смокви? Така, од еден ист извор не може да тече солена и слатка вода.“ (Јаков 3, 1-12).
Светци нет/З.А.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк