Светиот Отец: Оние кои се приближуваат до Црквата треба да најдат отворени врати
Ватикан, 25.5.2013 /к.мк/ – Оние кои се приближуваат до Црквата треба да најдат отворени врати, а не контролори на верата: ова го кажа Папата во сабота 25 мај за време на светата Литургија во капелата во домот Света Марта. Заедно со него служеше кардинал Агостино Качавилан, и група свештеници.
Денешното Евангелие (Марко 10, 13-16), ни зборува за Исус кој ги укорува учениците кога луѓето донесуваа кај него деца, за да се допре до нив за да ги благослови, но учениците им забрануваа на оние што ги носеа. „Верата на Божјиот народ – истакна Папата – е обична вера, таа е можеби вера без теологија, но која не греши, бидејќи зад неа стои Духот”. Папата го цитираше документот од Вториот Ватикански собор, „Светло на народите“ (Lumen Gentium) каде што се вели дека „светиот Божји народ … не може да погреши во својата вера”. Божјиот народ, продолжи Папата Фрањо, „секогаш се приближува до Исус, за да побара нешто и понекогаш е многу упорен. Но таква е упорноста на оној кој верува”:
„Се сеќавам на денот кога бев во градот Салта, имаше едноставна жена која сакаше да биде благословена од свештеникот. Свештеникот и рече: Добро, но вие госпоѓо веќе бевте на Литургија и тој и објасни цела теологија дека таа е благословена со самото нејзино присуство на Литургијата. О, ти благодарам оче; одговорила жената. Кога свештеникот си заминал, жената се свртува кон друг свештеник: Благословете ме! Сето кажано од првиот свештеник, не ја исполнило, бидејќи имаше една друга потреба: да биде допрена од Господ. Ова е верата која ја наоѓаме секогаш, а оваа вера се раѓа од Светиот Дух. Ние треба да ја поедноставиме, да ја зацврстиме, да и помогнеме да расте”.
Папата цитираше дел од светото Евангелие за слепиот од Ерихон, кој беше укорен од учениците, бидејќи со силен глас викаше кон Господ: „Исусе, Сине Давидов, помилуј ме!”
„Евангелието истакнува дека учениците не сакале слепиот да вика со висок глас, а тој викал уште погласно. Зошто? Бидејќи имал вера во срцето. Луѓето сакале да му кажат: Не, не можеш! Кон Господ не се вика. Законот не дозволува. Тој е второто лице од Пресвета Троица. Размисли што правиш!”
Папата повика да размислиме за однесувањето на многу христијани:
„Да размислиме за добрите христијани, оние со добра волја, кои често ја затвораат вратата на Црквата. Многу пати ние сме како контролори на верата, наместо да им ја поедноставиме верата на луѓето.”
Постои вечното искушение, објасни Папата, „да завладеам, да го присвојам Господ”. Папата раскажа и еден друг пример:
„Замислете една млада жена оди во Црква и вели: Сакам да го крстам детето. А одговорот е: Не, не може, бидејќи не си мажена!’. Погледнете со што се соочува оваа девојка која имала храброст да ја прифати својата бременост! Со една затворена врата! Тоа не е добро однесување! Оддалечува од Господ! Не ги отвора вратите! Ако и ние така правиме во такви ситуации, не правиме добро на луѓето, за Божјиот народ. Исус воспостави седум свети Тајни, а ние со такво однесување додаваме осма: Света Тајна на пастирска царина!”
„Исус се навредува кога ги гледа овие работи”, истакна Папата, зашто оној што страда е „Неговиот верен народ, народ кои Тој ги сака”:
„Да размислуваме денес за Исус, кој секогаш сака да му се приближуваме до Него; да размислиме за Светиот Божјиот народ, еден обичен народ кој сака да се приближи до Исус; и да размислиме за големиот број христијани со добра волја кои грешат и кои наместо да ја отвораат вратата – ја затвораат … И да молиме од Господ за сите оние кои се приближуваат до Црквата, да пронајдат отворени врати и да ја почуствуваат љубовта на Исус. Да ја побараме таа таа благодат.” (Д.И.)