На празникот на Светото семејство, 26 декември 2021 година, папата Фрањо испрати порака до сопружниците по повод Годината на семејството Amoris Laetitia од 2021 до 2022 година.
Семејствата, рече Папата, секогаш се во неговите мисли и молитви, а уште повеќе во времето на пандемија кое ги стави сите на искушение, посебно најранливите.
Повикани сме, истакнува папата Фрањо воо писмото, да го следиме повикот што Авраам го примил од Господа да ја напушти својата земја и домот на својот татко во непозната земја која самиот Бог ќе му ја покаже. А ние, рече Светиот Отец, бевме принудени да излеземе од нашите „комфорни“ зони, познати начини на вршење на работите, амбиции и работа за доброто на нашите семејства и општеството во целина, што зависи од нас и нашите постапки.
Ветена земја
Како Авраам, сопружниците се повикани да ја напуштат својата земја во време кога, одговарајќи на повикот на брачна љубов, решаваат целосно да се предадат еден на друг. Веќе со веридбата се започнува тоа патување од својата земја, бидејќи повикува на заеднички пат кој води до брак, вели Светиот Отец. Различните животни ситуации, минувањето на времето, доаѓањето на децата, работата и болеста, предизвикуваат паровите повторно да ја прифатат својата посветеност еден кон друг, оставајќи ги зад себе воспоставените навики, сигурност и се движат кон земјата што ја ветува Бог: да бидат двајца во Христа, двајца во едно. Вашите животи стануваат еден живот, вие станувате „ние“ во заедницата на љубовта со Исус кој е жив и присутен во секој момент од вашето постоење. Бог е секогаш на ваша страна; ве сака безусловно, истакнува Папата. Не сте сами!
Пример за децата
Драги сопружници, продолжи Папата, знајте дека вашите деца, посебно најмладите, внимателно ве посматраат; во вас бараат знаци на цврста и доверлива љубов. Децата се секогаш подарок; ја менуваат историјата на секое семејство. Тие се гладни за љубов, благодарност, почит и доверба. Затоа што сте родители, нагласува Папата, сте и повикани да им ја пренесете на своите деца радоста од сознанието дека тие се деца Божји, деца на Отецот кој секогаш нежно ги сака и кој секој нов ден ги држи за рака. Кога ќе го сфатат ова, вашите деца ќе растат во вера и доверба во Бога.
Се разбира, забележува папата Фрањо, воспитувањето на децата не е лесна задача. Но, да не заборавиме дека тие и нас не „воспитуваат“. Семејството останува примарна средина во која се одвива воспитуавањето, преку мали гестови кои се поелоквентни од зборовите. Воспитувањето е пред сè процес на раст, да се биде присутен во животот на децата на многу различни начини, да им се помогне да разберат дека секогаш можат да сметаат на своите родители. На децата, додава Папата, им треба чувство на сигурност што може да им даде доверба во вас и убавината на вашиот заеднички живот и во сигурноста дека никогаш нема да бидат сами, што и да им се случи.
Послание
Како што веќе напоменав, пишува Папата, сè повеќе стануваме свесни за идентитетот и посланието на верниците во Црквата и општеството. Имате послание да го преобразите општеството со вашето присуство на работното место и да се погрижите да бидат земени во предвид семејните потреби.
Светиот Отец напомена и дека брачните двојки со своите иницијативи и креативност треба да заземат водечка улога во парохијата и епархиската заедница како израз на комплементарноста на харизмите и звањата во служба на црковното заедништво. Тој ги поттикнуваше брачните двојки да бидат активни во Црквата, особено во пасторалот со семејства и да соработуваат со свештениците и епископите во грижата за домашната Црква.
Понатаму, бракот е важен за градење култура на средба и семејствата се повикани да бидат мостови меѓу генерациите во пренесувањето на вредностите што го сочинуваат вистинското човештво.
Внимавајте на Исус
Бракот, како повик, ве повикува да управувате со мал кораб – на брановите, но цврсто стоејќи благодарение на реалноста на светата Тајна, понекогаш на бурно море. Меѓутоа, Светиот Отец ги потсети сопружниците дека Бог е присутен во тој кораб, се грижи за вас и стои до вас среде бура.
Важно е заедно да го задржите погледот упатен кон Исус. Само така ќе најдете мир, ќе ги надминете конфликтите и ќе откриете одговори на вашите проблеми: овие проблеми, се разбира, нема да исчезнат, но ќе имате можност да ги погледнете од друга перспектива.
Можности и тешкотии предизвикани од пандемија
Папата во својата порака се осврна и на бројните тешкотии, но и на можностите што ги доживуваат семејствата во светло на актуелната пандемија. На пример, затворањето значеше дека семејствата имаа повеќе можности да поминат повеќе време заедно, нудејќи единствена можност за зајакнување на комуникацијата, што исто така бара посебна вежба со трпение.
Но, не дозволувајте заморот да ве обземе: дозволете силата на љубовта да ви овозможи повеќе да се фокусирате на другите – на вашиот сопружник, на вашите деца – повеќе отколку на вашите сопствени потреби и грижи.
Така, времето што го поминувате заедно нема да биде покора, туку прибежиште среде бурите. Секое семејство нека биде место за прифаќање и разбирање, повика Папата во својата порака, потсетувајќи на важноста на три мали зборови: „молам, благодарам, прости“. Тој потсети и дека семејствата не треба да дозволат денот да заврши без помирување. Не срамете се да клекнете пред Исус во Евхаристијата за да најдете неколку моменти на мир и да се погледнете еден со друг со нежност и љубезност.
Простувањето ја лекува секоја рана
За некои сопружници, присилните услови за живот за време на затворањето во пандемијата беа посебно тешки. Проблемите кои веќе постоеја се влошуваа, создавајќи конфликти кои во некои случаи стануваа речиси неподносливи, пишува Папата. Многумина дури доживеаја прекин на врската, која мораше да се справи со кризата, која им беше тешка или невозможна да ја издржат. Би сакал, забележува Светиот Отец, да ја почувствуваат мојата близина и наклонетост.
Распадот на бракот, продолжува тој, предизвикува огромно страдање бидејќи многу надежи се рушат, а недоразбирањата можат да доведат до кавги и рани кои не можат лесно да се залечат. Децата на крајот мора да поднесат страдање, бидејќи гледаат дека нивните родители повеќе не се заедно. Затоа, повика Папата, продолжете да барате помош за да можете да ги надминете конфликтите и да спречите уште повеќе рани на себе и на вашите деца. Господ Исус, додава Светиот Отец, во својата бескрајна милост, ќе ве вдахнови да продолжите понатаму среде многубројните тешкотии и таги.
Сетете се, додаде Папата, дека простувањето ја лекува секоја рана. Взаемното простување е плод на внатрешна одлука која созрева во молитвата, во нашиот однос со Бога. Тоа е дар роден од благодатта што Христос ја излева врз брачните парови кога тие ќе му се обратат и ќе му дозволат да дејствува. Нашата човечка љубов е слаба, потребна е силата на Исусовата верна љубов, потсети Папата.
До младите кои се подготвуваат за брак
За младите кои се подготвуваат за брак, Папата рече дека и пред пандемијата не било лесно да се планира иднината, а денешниот пазар на труд е уште понеизвесен. Но, тој ги охрабри свршениците да не се обесхрабруваат, туку да покажат креативна храброст како свети Јосиф. На патот кон вашиот брак, секогаш верувајте во Божјата промисла, без разлика колку се ограничени вашите средства, бидејќи понекогаш тешкотиите носат ресурси што не сме ни знаеле дека ги имаме, рече Папата, цитирајќи од Patres Corde. Не двоумете се да се потпрете на вашето семејство и пријатели, на црковната заедница, парохијата, кои ќе ви помогнат да се подготвите за бракот и семејниот живот, учејќи од оние кои веќе тргнале на патот по кој сега вие тргнувате.
На семејствата им требаат баби и дедовци
Посебна мисла Папата упати и до бабите и дедовците кои немале можност да ги видат своите внуци за време на затворањето, како и до сите постари лица кои во тие месеци се чувствувале изолирано и осамено. На семејствата им се многу потребни бабите и дедовците, потсети Светиот Отец, бидејќи тие се жив спомен на човештвото, спомен кој може да помогне во градењето похуман и пољубезен свет.
Радоста од Господа
Свети Јосиф нека ги вдахне нашите семејства со креативна храброст, што е клучно за овие времиња на епохални промени. Богородица нека ви помогне да ја негувате во вашите брачни животи културата на средба што ни е толку итно потребна за да се соочиме со денешните проблеми и предизвици. Ниту една тешкотија не може да ја одземе радоста на оние кои знаат да одат со Господ, кој е секогаш со нив. Живејте го вашиот повик со ентузијазам, поттикна Папата, никогаш не дозволувајте вашите лица да станат тажни или мрачни; На вашиот маж или жена му треба вашата насмевка. На вашите деца им треба вашиот поглед на охрабрување. На вашите свештеници и на другите семејства им треба вашето присуство и вашата радост: радоста што доаѓа од Господа, завршува Светиот Отец во пораката до сорпужниците.
Ватикан њуз/к.мк