Света Фаустина Ковалска

Света Фаустина Ковалска

Ти ќе ја помириш земјата со Небото, ќе го смириш праведниот Божји гнев и ќе му измолиш на светот милосрдие. Бори се за спасение на душите.

Родена е на 25 август 1905 година во селото Глоговиец во Полска. На светото Крштение го добива името Хелена. Таа е трето од десетте деца во сиромашното, но побожно селско семејство. Таткото на Хелена, Станислав бил столар и земјоделец, бил вреден и побожен. Секое утро и секоја вечер го молел часосоловот на Блажена Дева Марија. Мајката на Хелена, Марија децата од мали ги учела на молитва и работа. Во куќата редовно се читало книга со духовна содржина.

„Колку пати ќе морам да те повикувам и колку пати ќе ме одбиваш?“

Додека Хелена била на една игранка ѝ се објавува Господ Исус покриен со многубројните рани. Со тажен глас ѝ рекол на Хелена: „Колку пати ќе морам да те повикувам и колку пати ќе ме одбиваш? Веднаш отиди во Варшава. Таму ќе влезеш во манастир.“ Кога конечно доживува неодоливост на Христовиот повик, напушта сѐ и со единствената своја желба: Исус да Го љуби како што никој не го љубел. Заминува за Варшава.

Од раното детство во својот Дневник света Фаустина го запишува ова: „Кога бев на вечерна молитва, а Господ Исус изложен во монстранцата, дарувана ми е Божјата љубов која го исполни моето мало срце. Господ ми подари разбирање на Божествените таинства.“ Често станувала ноќе и молела. Првата света Причест ја прима на девет години. На патот од црквата до дома соседот ја прашал: „Зошто не одиш со останатите девојчиња?“ Нејзиниот одговор бил: „Одам со Господ Исус.“ Многу често настојувала да оди на света Литургија. Слушајќи го Господовиот повик се стремала да пристапи во манастир, но во многу манастири ја одбиле, но вратата ѝ се отворила во Конгрегацијата на нашата Пресвета Богородица од Милосрдието. Опишувајќи ја како „ништо изворедно“ ѝ рекле да се врати за една година, како што и направила.

Со голема побожност кон Пречистата Дева Марија, светата Фаустина била ревна обожавателка на Евхаристискиот Исус. Уште од детството за неа најубави моменти биле тие кои ги поминувала во близина на олтарот. Нејзините очи блескале од радост додека ја гледала Пресветата Тајна Евхаристија. После Првата света Причест секој ден настојувала да го прими Исус. Говорела: „Најсреќни моменти од мојот живот се кога сум со својот Бог. Тогаш со него зборува од срце до Срце и најдобро ја сфаќам Неговата Севишност и својата незначителност.

Молитва до Исус во светата хостија

Во својот Дневник ја запишала оваа молитва до Исус во светата хостија: „Сокриен Исусе, Ти си славен залог на моето воскресение. Во Тебе е центарот на мојот живот. Ми овозможуваш да Те љубам за целата вечност. Ме сакаш како свое дете. Земи го моето срце кое копнее за Тебе. Воздивнува за Тебе со љубов на серафим. Оделено од тебе овенува како мало дете без мајка. О, Исусе ти живееш во светата Хостија. Ти си моја мајка, мое сѐ!“

Објавата на Божјото милосрдие

Блажена Фаустина примила објава од Божјото милосрдие. Наредено ѝ е да нацрта слика како што Го гледа Исус и под неа да напише: „Исусе Ти се доверувам!“ Требало да се ангажира на Бела недела (Томина недела) да се воведе празникот на Божјото милосрдие и да ја рашири Бројаницата на Божјото милосрдие, часот на Божјото милосрдие (15 часот) и Деветницата во чест на Божјото милосрдие која започнува од Велики Петок до Бела недела.

„Ти ќе ја помириш земјата со Небото, ќе го смириш праведниот Божји гнев и ќе му измолиш на светот милосрдие. Бори се за спасение на душите. Охрабрувај ги да се доверат на Моето милосрдие, затоа што таа е твојата задача во овој и во идниот живот. Секретар на Моето најдлабоко таинство, знај дека си во исклучителна близина со Мене. Ти ќе го подготвиш светот за Моето конечно доаѓање. Вечно ќе стоиш пред Мојот престол како жив сведок на Моето милосрдие. Со срцето моето Срце ќе го исполниш со радост.“ Овие зборови кои Исус ѝ ги упатил на сестра Фаустина, најдобро ја опишуваат нејзината животна задача благодарение на која станала првата светица на третиот милениум и омилена застапничка во нашите времиња.

Чистилиште, пекол и Раните Исусови

Во придружба на својот ангел чувар поминала во чистилиштето и пеколот, а на 28 ноември 1936 година смеела да ја гледа убавината на Небото. Додека била во болница со останатите болни сестри секојдневно примала света Причест. Кога заради болеста во болницата не можела да оди на света Литургија, ангелот Серафим ѝ донесува на света Фаустина света Причест која многу ја сакала сите тринаесет дена. На Велики Петок, 26 март 1937 година Фаустина ги добива сокриени Раните Исусови. За тоа во својот Дневник запишала: „Веднаш утрото ги чувствував на своето тело болките од Неговите пет Рани. Тие болки траеја до три часот. Иако надворешно немаше никакви знаци, болките не беа ниту малку слаби. Се радувам, што Исус ме заштитува од човечките погледи.“ Ноќта на 5 октомври 1938 година, во 22 часот и 45 минути со очи свртени кон Распетието ја предала жртвата на својата душа на Бог.

Однадвор безначаен и со ништо посебен животот на света Фаустина во својата внатрешност сокрива незамисливи милости, дарови и искуства. Комуникацијата и соживотот со натприродното било нејзиното секојдневие. Но, да се стави акцентот на даровите би значело да се промаши клучот на исклучителноста на Фаустина. „Даровите се само накит на душата, но тие не ја прават ниту нејзината содржина, ниту нејзината совршеност. Мојата светост и совршеност почива на тесното соединување на мојата волја со волјата Божја,“ запишала во својот Дневник. „Цврсто се доверувам и целосно се потпирам на Твојата света волја, која е само милосрдие.“ Со таа делотворна доверба и безрезервна посветеност на волјата Божја, света Фаустина воодушевува и вдахнува. Бидејќи Божјата волја навистина е само милосрдие и целта ѝ е само на човекот да му ја даде полнотата на животот.

Најголемиот дар и благодат – да се соединиш со Христос страдалник делејќи ја неговата болка

На предавањето на света Фаустина Исус ѝ возвраќа, откривајќи ѝ ја својата божествена природа и дарувајќи ѝ наопишливи милости. Најважна е она со која Фаустина ја направи блиска соработничка во спасението на светот. Тоа не се случувало во моменти на занес, туку во моменти на учество во прегорчеливата Христова мака. И токму тоа е најголемиот дар и благодат – да се соединиш со Христос страдалник, делејќи ја неговата болка. Тие милости Фаустина храбро и истрајно ги принесувала за наканите за преобраќање и откупување на грешниците. Милосрдна ученичка на милосрдниот Господ станала неуморна застапничка за целиот свет. Можеби токму на нејзиното застапништво го должиме своето преобраќање.

Бог не мери според делата, туку според чистата накана и искрената волја да се вршат дела на милосрдието

Бог не мери според делата, туку според чистата накана и искрената волја да се вршат дела на милосрдието. Затоа ни е потребна самозатајноста на света Фаустина и сокриеноста, понизноста и тишината, чистото срце кое признанието го бара само во Бог. Искрените милосрдници живеат за да бидат дар за другите. Тие подготвено го даваат и највредното што го имаат, самите себе, како што Исус го предал својот живот за нас. А Исус не остава ниту малку место за стравот. „Не бој се, мало стадо! Зашто волјата на вашиот Отец е вам да ви го даде царството“ (Лк 12, 32). Ако се предадеме на Неговата волја и водство, Бог за сѐ ќе се погрижи. Тој ги познава човечките можности и не дозволува ништо што на човекот би му наштетило или би го упропастило. Нашиот Господ е милосрден Бог преполн со љубов и сочувство за своите деца. Во бескрајот на неговото милосрдие исчезнуваат сите наши стравови и немири, слабости и гревови. Таа е основната порака на животот на света Фаустина која таа и денес со својот дневник ја сведочи: „Затоа што Ти си Бог на милосрдието и во вековите не се слушнало, ниту небото и земјата се сеќаваат дека некогаш си разочарал некоја душа која се доверувала на Твоето милосрдие.“ Имајќи го тоа на ум и на срцето можеме заедно со Секретарката на Божјото милсордие радосно да кажеме: „Мојот животен кораб сигурно плови по морето затоа што Ти си мој Боже нејзин кормилар.“

Света Фаустина моли се за нас!

Боок/к.мк

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот